
Три години имала малолетничката која загина во сообраќајната несреќа која вчера попладне се случи на локалниот пат с.Патишка река – село Осинчани, скопско. Според неофицијалните информации на „Скопје инфо“, повредени се и нејзината сестра, која има една ипол година, и родителите.
Од МВР претходно информираа дека во несреќата учествувале автомобил „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управуван од У.О.(19) од с.Студеничани, скопско и автомобил „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Ф.А.(29) од Скопје.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила малолетна сопатничка од патничкото возило „мерцедес“, која била пренесена во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, каде починала. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатата е предадено на обдукција, информира МВР.
Со телесни повреди се здобиле возачот Ф.А., сопатничката Р.А.(24) и уште една малолетна сопатничка, двете од Скопје, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, како и возачот У.О., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје, а У.О. бил лишен од слобода по член 300 став 2, а во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.