
Со серија забелешки за работата на Обвинителството, одбраната на пазарните инспектори, на рочиштето за случајот со пожарот во Кочани, остро ја критикуваше правната конструкција на обвинението и начинот на кој, како што наведоа адвокатите, во јавноста се пласираат неточни информации за институционалната одговорност и правниот статус на објектот во кој загинаа повеќе лица.
Дел од адвокатите, исто така, го нападнаа и Обвинителството, посочувајќи дека ако се бара причинско-последична врска кај системот и сите институции одговорност треба да има и кај самото обвинителство, кое по допрен глас е тоа што треба да ја има првичната реакција доколку имало некаква незаконитост во објектот.
Во воведните зборови на денешното рочиште за случајот за пожарот во Кочани, адвокатот Ванчо Шехтански, бранител на поранешниот пазарен инспектор Миле Ампов, изнесе серија забелешки кон работата на Обвинителството и кон начинот на кој, како што рече, се пласираат неточни информации за институционалната одговорност и статусот на објектот.
Шехтански упати критики кон Обвинителството поради неактивноста при првичните сознанија за можни неправилности.
– По допрен глас, Обвинителството е тоа што треба да ја има првичната реакција доколку имало некаква незаконитост во објектот. Зошто, обвинителе, вие наместо да барате причинско-последична врска кај другите институции, едноставно по допрен глас не сте реагирале, и оваа трагедија на 16 март немало ни да се случи. Немојте да манипулирате со луѓето. Што мислите, како им е на семејствата на обвинетите, за кои се мисли дека се „убијци“? Барем во овој случај, вистината не смее да се крие, а таа се крие, рече Шехтански.

Истакна дека јавноста нема увид во обвинителниот акт и дека не може да се зборува за „систем“, без да се именува конкретна одговорност. Во продолжение, одбраната укажа на неточно прикажување на правниот статус на субјектите поврзани со објектот.
Шехтански наведе дека неговиот клиент, како инспектор до 2022 година, вршел надзори и констатирал дека „Класик“ и подружницата „Кабаре Пулс“ не ги исполнувале условите за работа, но оти објектот каде што се случила трагедијата не е истото правно лице.
Потсети дека Ампов во 2024 година веќе бил во пензија, поради што не можел да врши инспекциски надзор. Тој додаде дека објектот во кој избувна пожарот има различен назив од оние што се наведуваат во јавноста.
– Јавноста не го знае обвинителниот акт, ниту има можност да го прочита. Не може да нема одговорност, а да се зборува за систем. Нема систем, има имиња. Дискотека „Пулс“ во Централен регистар не постои. Немојте да манипулирате. Секој што не знае да не манипулира. Правното лице ДПРУ „Класик“ е регистрирано на 2.3.2009 година … Во негов состав има подружница „Кабаре Пулс“. Правното лице „Класик“’ не е меѓу обвинетите правни лица. „Класик“ постои до 9 февруари 2024 година … Од тој период наваму, правното лице повеќе не постои. Објектот каде што се случи трагедијата се вика „Клуб Пулс“, ниту кабаре, ниту дискотека. Тука е проблемот, нема лиценца. Човекот не можел да врши инспекциски надзор во 2024 година кога бил веќе во пензија, рече Шехтански.
Бранителот на Блашка Евтимова, пензиониран пазарен инспектор во Виница од 2004 до 2024 година, адвокатот Зоран Волчанов рече дека останува нејасно зошто е обвинета и реално има настанот апсолутна застареност, со оглед дека се гони за дејствие што го презела во 2012 година.
– По тој датум таа ниту презела друго дејствие, ниту можела, ниту имала обврска и надлежност спрема фирмата и објектот каде се случила трагедијата, бидејќи живее и работи во Виница и не постапува во Кочани, каде била само еднаш во 2012 година и тоа по налог на регионален раководител. И по тоа дејствие има застареност согласно закон. Затоа не знаеме од кои причини Обвинителство се обидува да ја опфати со овој обвинителен акт врзувајќи ја со последици во 2025 година и наводно неизвршување контрола, за која нема надлежност, освен да ја врши евентуално по налог на регионален раководител, изјави Волчанов.

Обвинетата Блашка Евтимова, пред Судот, рече дека кога во 2012 година била во контрола објектот во целост ги исполнувал условите предвидени согласно законските одредби по кои постапуваме.
– Сум утврдила дека капацитетот во тој момент на кабарето е 170 лица, посетители. И комплетност со целата фактичка состојба на објектот во потполност ги исполнувал условите. Потоа што се случувало и 2025 година, јас не можам да кажам, затоа што никогаш повеќе не сум добила налог за одење во кабаре „Пулс“, кое повеќе и не било кабаре и не постоела таа фирма. Била сосема друга фирма, со друг управител и не сум имала никакви сознанија, ниту сум добила налог, изјави Евтимова.
Бранителот на Весна Кузмановска (пазарен инспектор), адвокатот Благој Димковски, во воведен збор, рече дека одбраната ќе ја темелат на факти и докази, а не на претпоставки и дека ќе докажат дека кај Кузмановска нема вина.
– Зад името на Весна Кузмановска стои личност која повеќе од три децении работела посветено, професионално, одговорно и со интегритет. Која ниту еднаш не била предмет на дисциплинска постапка, пријава или прекршок. Видно од обвинението, но и од истрагата и доказите, јасно е дека Кузмановска е обвинета затоа што работела во службата и тоа ревносно и казнувала, опоменувала и поднесувала пријави за неправилности. Оваа жена, машки ја работела својата работа. Одбраната е на мислење дека оваа обвинета ќе била изземена од ова обвинение и постапка, само доколку претходно не работела ништо во својата служба. Зад членовите и кривичните дела кои се ставаат на товар не стои умисла, не стои желба за некаква корист, стои човек кој е невин, но и ако постоела грешка, таа е грешка на систем, на недоречени процедури, оптовареност и организациски слабости, но не и грешка на едно лице што со чиста совест го извршувало она што законот го барало од неа, изјави Димковски.

Ќе докажеме, нагласи Димковски, дека Весна Кузмановска е вметната во ова обвинение без правна основа, без аргументи и без докази, а како последица на административни недоразбирање и неточни претпоставки.
– Обвинителот во воведниот говор убедливо објаснуваше дека од 2012 година наваму сите имаат одговорност, и градоначалници, и инспектори, и министри, и службеници и кој уште не. Почитуваниот обвинител само не посочи за одговорност кај своите, кај обвинителите. Јавно се прашувам, имала ли оваа обвинители, имало ли Кочани обвинители од 2012 година па наваму и каде биле. Сите се повикуваат на систем, па нели е обвинителството еден од столбовите на овој систем, па ако е силно и квалитетно обвинителството можеби толку маани на системот и нема да му наоѓаме и можеби пожарот во Кочани ќе беше спречен или немаше да се случи, изјави Димковски.
Обвинението против пазарниот инспектор Емил Митев претставува правно погрешно и фактички неосновано проширување на кривично-правната одговорност, оцени неговиот бранител, адвокат Марјан Михов, во денешното обраќање пред судот. Според него, ставовите на Обвинителството се темелат на погрешна правна квалификација, непрецизно индивидуализирање на наводните повреди и игнорирање релевантни околности, меѓу кои и вонредниот режим на работа за време на пандемијата со КОВИД-19.
Адвокатот Михов истакна дека неразбирливо е како дејствија од пред повеќе години можат да се третираат како тешки кривични дела против општата сигурност.
– Ја разбирам улогата на Основното јавно обвинителство, кое има задача да ги гони сторителите на тешки кривични дела, да бара да се задоволи правдата и секој виновен да ги сноси последиците од своите злодела. Но, не можам да разберам како евентуално неизвршување или непреземање дејствија пред 5, 10 или 15 години може да се квалификува како кривично дело по член 292 во врска со член 288, посочи Михов.
Додаде дека не постои можност да се утврди умисла кај неговиот клиент за последиците што Обвинителството ги наведува. – Прашање е, и тоа сериозно, како може да се поверува, а уште помалку да се утврди „надвор од разумно сомневање“, дека во умислата, дури и евентуална, на еден пазарен инспектор била опфатена оваа „грозоморна последица“ и дека тој свесно ја прифатил нејзината можност да настапи, рече адвокатот.
Михов оцени дека обвинението се темели на општи, „бланкетни норми“, кои без индивидуализација им се ставаат на товар на повеќе лица, меѓу кои и Митев. – Наведени се различни временски периоди, различни функции кои обвинетите ги извршувале, но на сите им се ставаат на товар исти норми, без јасно наведување кои од нив, конкретно, секој од нив наводно ги повредил, истакна Михов.
Во однос на применливоста на законските и подзаконските акти, одбраната нагласува дека од нивната содржина е јасно дека се работи за општи одредби за инспекциски надзор, без докази дека Митев ги повредил токму тие одредби.
Адвокатот потсети и дека неговиот клиент во 2012 година воопшто не бил инспектор, туку советник за управни работи. – Обвинетиот Емил во периодот 13.12.2012 година, кога била извршена контролата во кабарето „Пулс“, не бил инспектор, туку советник за управни работи. Тој не потпишал ниту еден документ од извршената контрола, рече Михов. Додаде дека Митев бил присутен во објектот само двапати и тоа во придружба на овластени инспектори, кои самостојно го спровеле и завршиле надзорот.
Посебно се осврна и на наводите во обвинението дека Митев, како раководител, не издавал навремени налози за инспекциски надзор.
– Обвинетиот Емил издал налог на 27.1.2018, на 7.10.2018 и на 12.11.2021. Неспорно е дека поминало време помеѓу два од тие налози, но Обвинителството го занемарува фактот дека од 12.3.2020 до 27.10.2021 беа на сила владините одлуки за заштита од КОВИД-19, со кои беше забранета работа на кафулиња, барови, клубови, казина и обложувалници, нагласи Михов.
Посочи дека токму поради вонредните мерки било невозможно да се спроведат контроли согласно пропишаната методологија. – Оваа забрана траеше 1 година и 7 месеци. Во тој период, од објективни причини, не можело да се вршат контроли согласно член 12 и член 31 од Правилникот … Тоа значи дека во „критичниот период“ од обвинението не е поминат период подолг од пет години, доколку се изземе периодот покриен со владините одлуки, рече адвокатот.
Михов заклучи дека Обвинителството не го земало предвид реалниот контекст, ниту правната логика на надлежностите и овластувањата во различни институционални структури, поради што, како што оцени, обвинението против Митев е правно неодржливо.
Воведен збор останува да даде и одбраната на обвинетиот Александар Нацев, сопственик на Агецијата за обезбедување „Рубикон“ чија постапка беше споена со оваа непосредно пред почетокот на судењето.
Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.
На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.

Македонски







