Skip to main content

Со истрагата за пожарот во Кочани опфатени 45 лица

Бројот на осомничени за пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани достигна 52 физички и три правни лица, откако Обвинителството викендот ја прошири истрагата со уште 19 лица. Од новоосомничените, тројца се министри за економија, тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, тројца директори на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), еден генерален инспектор во ДЗС, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија  и четири пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи според Обвинителството, досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани.

Фото МИА

По завчерашната акција за приведување на новосомничените и проширувањето на истрагата, Основниот суд Кочани   вчера го прифати барањето на Обвинитеството и определи 30-дневен притвор за четири лица, за шест лица куќен притвор согласно член 163 и мерки за претпазливост согласно член 146 од Кривичниот законик, а за осум лица мерка за претпазливост согласно членот 146.  Имаат право на жалба во законскиот рок, во зависност од мерката што им е одредена, од 24 часа до 72 часа. Едно од осомичените лица е надвор од државата, а МВР очекува наскоро да биде достапно. 

Сите, како и претходните за кои беше поведена истрага, се осомничени за „Тешки дела против општата сигурност“ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик, но не е исклучено да има обвиненија и по други кривични дела ако тимот јавни обвинители што ја води истрагата го оцени тоа. 

Како што соопшти државниот обвинител, досега е поведена истрага кон 45 физички и три правни лица. Едно од физичките лица во меѓувреме почина и против него истрагата ќе биде прекината. Дополнително се води истрага и против седум полициски службеници. 

– Во изминатиот период, обвинителскиот тим кој е проширен на вкупно 13 јавни обвинители интензивно постапуваше и испитуваше повеќе линии на одговорност за пожарот во кој за жал животот го загубија 61 лице, меѓу кои шест деца, а беа повредени уште 197 лица од кои 25 деца. Покрај оние за кои постојат сомненија за директна одговорност како сопственици, управители, организатори на забавата, обезбедување во клубот на критичната ноќ и корисници на пиротехничките средства, се истражува одговорноста и на сите институции и службени лица кои со своите незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабарето „Пулс“ во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот. Законските норми и надлежности за заштита на безбедноста се јасни и тие се донесени и мора да се почитуваат токму за да се избегне ваква катастрофа, рече вчера на прес-конференција државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Очекува дека мерките кои ги побарале за новите 19 осомничени ќе бидат одобрени, бидејќи се поткрепени со докази. 

Printskrin

Покрај тројцата градоначалници на Кочани кои се веќе осомничени, Обвинителството дошло до основано сомнение за можна одговорност и на тројца овластени општински градежни инспектори, кои постапиле спротивно на своите надлежности и овластувања од Законот за градење и Законот за инспекциски надзор, како што појасни Коцевски, дека воопшто не извршиле никаква инспекциска контрола на објектот кој со години бил незаконски пренаменет од објект за лесна индустрија во угостителски објект без никакви безбедносни стандарди.

Во рамки на Дирекцијата за заштита и спасување, освен претходно осомничениот директор, истрага е поведена за уште три лица на истата функција, вклучително и актуелниот директор, како и против генералниот инспектор во Дирекцијата кој бил на таа позиција во текот на целиот период на функционирање на клубот.

Кај ДЗС доказите посочуваат дека суштинските пропусти при проучување на одговорност и можна инволвираност на лица од оваа институција се токму кај раководната структура на институцијата. Тоа што имале од оперативно технички и превентивен карактер должност да го преземат е нарушено во секоја смисла, а општина Кочани била оставена без воопшто да овластат инспектор за заштита и спасување.

-Угостителската дејност – дискотеки и кабареа никогаш не била предмет на контрола и надзор, како во Кочани така и во цела држава и граѓаните биле под потенцијална загрозеност во сите угостителски објекти. Ова е нешто во што не може човек да верува но е така, рече Коцевски.

Покрај претходно осомничениот министер за економија, државен секретар и уште тројца раководни службеници, сега новоосомничени се уште три лица кои во одреден период од функционирање на клубот ја извршувале функцијата министер за економија, двајца државни секретари и уште три службени лица на раководни позиции надлежни на одделите за угостителство и туризам.

– Сите тие, како и претходно осомничените во Министерството за економија, се истражуваат затоа што му овозможувале на Кабаре клуб Пулс да добива лиценци без да ги исполнува минимално-техничките услови за работа и незаконито да продолжи со вршење на угостителската дејност за целиот период од отворањето до пожарот. Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата бидејќи нема ниту еден доказ дека сопственикот на клубот иницирал постапка за нова лиценца во 2025 година, рече државниот обвинител.

На листата од тројца осомничени пазарни инспектори со проширената истрага се уште четири кои биле надлежни да вршат инспекциски надзор за правилна примена на важечките закони и подзаконските акти. Продолжуваат проверките за двајцата поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат кои од претходно се истражуваат, бидејќи нивниот мандат се врзува со периодот во кој клубот работел со фалсификувана лиценца, како и уште неколку други лиценци кои се предмет на проверка.

Предмет на анализа е и таканаречениот кумулативен ефект на пропуштањата, односно ако повеќе различни лица во текот на долг временски период прават повторувачки пропусти,  и тие се дел од поширока причинска врска, бидејќи нивниот збирен ефект може да биде критичен.

Истрага се води и против седум полициски службеници во постапката што ја отпочна Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција односно Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција за целосно утврдување на линијата на одговорност.

Коцевски најави дека претстојат уште многу дејствија, распити и анализи, повторувајќи дека истрагата ќе биде максимално ефикасна и ќе ги даде сите очекувани одговори за трагедијата.

За обвинувањата од ДУИ дека со истрагата се насочува на припадници од една партија државниот обвинител потенцира дека во овој предмет нема никаква селекција, туку истрагата се води професионално.

-Во овој предмет нема никаква селективност како во поглед на национална или партиска припадност. Сите оние за кои обвинителскиот тим сметаше дека има опредлени инкриминирани дејствија се опфатени. Во однос на националниот состав на истрагата не можам ништо да коментирам, очекувам и натаму да има вакви изјави. Обвинителство ќе работи закони, рече Коцевски.

Според министерот за внатрешни работи Панче  Тошковски,  МВР презело низа активности со кои покажало дека законот важи за секој што ќе се огреши, а при тоа да се собрани соодветни докази. Не смее да се дозволи оваа истрага да биде предмет на политички препукувања, порача Тошковски.

Поврзани вести