
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска беше објавена пресудата за предметот против Раде Трајковски–Штекли и уште четворица обвинети, поврзан со организирана криминална група за неовластено производство и трговија со кокаин и марихуана.
Судот му изрече затворска казна од 8 години на Раде Трајковски Штекли, по пет години затвор добија Стефан Китанов, Александар Вучевски и Филип Таневски, додека на обвинетиот Стојан Миланов судот му изрече затворска казна од 3 години и 10 месеци.
Во изречените затворски казни на лицата им се пресметува и времето поминато во притвор.
Групата, според обвинението, дејствувала во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година и била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Обвинителството тврдеше дека првообвинетиот Раде Трајковски-Штекли се јавува како организатор и координатор, кој бил во контакт со лица од странство и домашни посредници за првична набавка на кокаин, давајќи насоки и упатства за проширување на мрежата.
Според доказите на Обвинителството, дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата се одвивала преку апликации за заштитена комуникација, како „Снепчет“, а клучни докази биле обезбедени преку систем за анализа на мобилни телефони.
На почетокот на судскиот процес првообвинетиот Раде Трајковски-Штекли изјави дека не го разбира обвинението, а другите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновно.
Обвинението првично опфаќаше 16 лица, од кои некои веќе склучија спогодби и добија затворски казни, а за четворица обвинети постапката беше раздвоена по признавање на вината.

Македонски



