
Мајката на претепаното четиригодишно девојче од Драчево од страна на нејзиниот татко, објави видео од нападот. Таа предмалку сподели и фотографии на кои се гледаат модринки и раскрвавени рани кај девојчето, за кои вели дека се од друг инцидент, кој не можела да го докаже, затоа што не постоело видео.
Зарем вакво детство заслужува едно дете? Без причина, само затоа што има болни умови и не размислуваат во моментот, нашле да покажуваат сила на деца. Ако возрасните имаат проблеми што се виновни децата, стресно е и за другите, 3 сестрички се, 3, 4 и 9 години. Се случува во саботата сабајлето, вечерта он веќе е во полициска станица, а сега во притвор. И пак јас сум виновна што сум пријавила и сакам децата да си ги заштитам. Детството е најубавиот период и некој вака да им го уништи… Не може. Детето има телесни повреди и набиеници на лицето, а сите три ќе имаат доживотни трауми, пишува мајката.
Ова се фотографиите од претходниот напад, кој не можела да го докаже и кој поминал неказнето:
Основното јавно обвинителство Скопје во неделата поведе постапка за нанесување телесна повреда против 28-годишниот скопјанец поради основано сомнение дека тој, во семејниот дом во населбата Драчево, при вршење семејно насилство, телесно ја повредил неговата малолетна ќерка родена 2021 година.
Додека мајката на детето приготвувала јадење, тоа си играло со нејзините две сестри. Во еден момент девојчето се качило на креветот во дневната соба за да ги земе играчките, поради што осомничениот започнал да ја навредува и да ја удира со шлаканици по лицето, нанесувајќи и телесни повреди – набиеница на главата и огреботини на кожата на лицето. Продолжил и со вербални закани дека ќе ја убие, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Како што посочуваат, имајќи предвид дека согласно вербалните искази при пријавата на настанот, осомничениот подолго време манифестирал агресивно однесување во семејството, јавниот обвинител оценил дека постои ризик од повторување на насилството со несомнени последици врз нормалниот психофизички развој и воспитувањето на децата.
Исто така, доколку биде пуштен да се брани од слобода, постои опасност од бегство, со цел да ја избегне кривичната одговорност за стореното кривично дело. Од тие причини Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка поднесе предлог за определување мерка притвор, велат од Јавното обвинителство.