Skip to main content

Втор ден комисиска расправа за Предлог-буџетот 2026: За Стојаноска проекциите реални и развојни, за Лукаревска задолжување и непродуктивни трошоци

МИА

На вториот ден од општиот претрес за Предлог буџетот за 2026 година на собраниската Комисија за финансирање и буџет, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, истакна дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не ги покачила даноците, туку ја подобрила нивната наплата. Таа нагласи дека за оваа Влада нема привилегирани компании ниту селективен третман на должниците, туку дека за сите важат исти правила и закони.

Според Стојаноска, Владата успева да ги одржува платите, пензиите и инвестициите во постојан раст, додека истовремено го намалува дефицитот и јавниот долг. Таа додаде дека нема еднократни приходи и вонредни такси и дека Владата финансира и мотивира домашни капитални проекти и враќа нечии стари долгови.

Таа посочи дека едно е да се задолжувате за луксуз, а сосема друго е да се задолжувате за да инвестирате, да градите, да креирате нови производни капацитети и нови работни места. – Луксузот е само потрошувач на капитал, додека нова инвестиција е креатор и создавач на нов – дополнителен капитал, вели Стојаноска.

Според неа со Предлог буџетот за 2026 не се ветуваат чуда, но се ветуваат реални приходи, солидни капитални инвестиции, домаќински расходи, постепен, но стабилен раст на платите и пензиите, дефицит кој пополека, но сигурно се намалува, како и континуирана поддршка за сите општини подеднакво.

Ние во 2026 и покрај сите долгови од СДСМ и ДУИ ќе се потрудиме за нашите граѓани да обезбедиме подобри патишта, повеќе локални инфраструктурни проекти, поопремени здравствени установи кои ќе нудат поквалитетни услуги за сите пациенти, подобро опремени училишта и факултети кои ќе создаваат поквалитетни кадри за во иднина, почиста животна средина за сите, побезбедни улици и градови. Ќе се потрудиме кај народот да ја вратиме надежта и да му го направиме животот во Македонија поубав. Да имаме здрава нација и млади кои ќе сакаат да останат дома, да работат и инвестираат, да создаваат семејства и да бидат среќни, рече Стојансока.

Таа посочи дека ништо не се реализира преку ноќ и без многу работа и напор. – Ние сме генерацијата која мора да се жртвува за да биде подобро, која мора да работи чесно и посветено за да испорача резултати, рече Стојаноска.

Пратеничката од СДСМ Сања Лукаревска на комисиската расправа, предложениот буџет го оцени како неконзистентен, нереален и директно штетен за економијата и граѓаните. Таа истакна дека буџетот не нуди мерки за раст на платите, ниту за справување со сиромаштијата и инфлацијата.

Лукаревска предупреди дека само 9% од вкупните расходи се за капитални инвестиции, додека 91% одат на тековни, непродуктивни трошоци, а, како што додаде, намалувањето на капиталните расходи за 7 милијарди денари покажува дека оваа Влада нема капацитет за развој, ниту намера да инвестира во иднината.

Според неа, Владата кратела средства во клучни сектори – животна средина, правосудство, енергетика и образование – што го загрозува развојот.

Лукаревска посочи дека Владата планира огромно ново задолжување од 1,7 милијарди евра, нов долг, односно 950 милиони евра преку еврообврзница, 350 милиони евра од странски извори и 400 милиони евра дома.

Јавниот долг ќе надмине 62%, ниво кое меѓународните институции го сметаат за ризично за ваква економија. Владата ја турка државата во финансиска нестабилност, нагласи Лукаревска, укажувајќи на забелешките на Европската комисија, кои, како што реле, се целосно игнорирани.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов истакна дека буџетот е уште еден доказ за посветеноста на Владата кон младите, со реализација на клучни проекти, реконструкција на студентски домови и мерки за самовработување наменети за сите млади.

Според Попов, буџетот е уште еден доказ за посветеноста на Владата кон младите, со реализација на клучни проекти, реконструкција на студентски домови и мерки за самовработување наменети за сите млади.

Насекаде во државата се реализираат проекти кои се од младинско значење, после седум години конечно се реконструираат студентски домови и за брзо од денес ќе заминат во историја оние денови кога студентите ги сместувавме во домови кои личеа на концентрациони логори, оперативните планови за вработувања и мерки за самовработувања не се само на хартија и наменети за привилегираните, туку тие се за сите. Нема општина каде не се гради нов спортски терен или комплекс, нема место каде не се гради нова градинка или училиште, рече Попов.

Тој се осврна на делот од Предлог – буџетот кој е од младинско значење потенцирајќи ги зголемените средствата кои ќе значат подобра и поквалитетна настава за студентите во Македонија, можноста научно и интелектуално да се реализираат младите, како и создавањето на инклузивно средно образование.

Во овој буџет имаме 32,5 милиони денари за изградба на најпопуларниот факултет во нашата држава ФИНКИ и секако Факултетот за физичка култура. Во високото образование имаме зголемување од 2,8 проценти и тоа се средства кои ќе ги добие УКИМ, универзитетот во Тетово, УКЛО, Универзитетот Гоце Делчев во Штип. Зголемување од 25% за наука, на тој начин се спречува одлевањето на младите мозоци. Не се заборавени ниту средношколците, во средното образование имаме зголемување од 5,2%, за училишни спортски сали имаме зголемување од 363,6 милиони денари, јасен сигнал дека оваа Влада работи на создавање на здрава младина, нагласи Попов.

Пратеничката Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ се осврна на начинот на кој се планираше буџетот за следната година, и како внимателно се правеше поради наследената ситуација.

Денес зборуваме за буџет што предвидува раст од 3,8%, инфлација што паѓа кон 2,5% и дефицит намален на 3,5 %. Додека на оние што денес критикуваат инфлацијата им избега над 15-20 проценти. Ние пак ја стабилизираме економијата и ги поставуваме темелите за здрав раст, изјави Петкоска.

Според неа, планиран е раст со мерка, додека претходната влада трошела без мерка.

Можеби буџетот не е совршен, ниту треба да биде, но државата конечно се враќа на рационални планирања, заклучи Петкоска.

Седницата на комисијата ќе продолжи во 16.00 часот.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот за следната година се проектирани на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции на 40,5 милијарди денари или 650 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.

Според информациите објавени на веб страницата на Собранието, за Предлог-буџетот се поднесени над 100 амандмани.

Пленарната седница на која ќе се разгледува Предлог-буџетот за 2026 година, според најавите, е планирано да се одржи на 9 декември.

Поврзани вести