
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, одржа прва официјална работна средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, амбасадорот Михалис Рокас, на која се разговараше за актуелните економски случувања и за последиците од глобалните случувања врз европската и домашната економија, со акцент на најновите случувања на Блискиот Исток.
Посебно внимание на средбата ѝ беше посветено на улогата на централните банки во справувањето со инфлацијата. Притоа беше посочено дека и покрај успешното справување со инфлацијата во светски рамки, ризиците се присутни и понатаму. Променливоста на Светските пазари на примарни производи се соочуваат со зголемена променливост, под влијание на постојаните геополитички тензии. Ова е особено важен фактор за малите и отворени економии, како што е македонската, во кои голем дел од производите се увезуваат, а храната и енергијата имаат големо учество во вкупната потрошувачка.
Гувернерот Славески посочи дека сегашната поставеност на монетарната политика е соодветна на економските услови, имајќи ги предвид и ризиците од надворешното и од домашното окружување. Тој потенцира дека Народната банка, како и досега, внимателно ќе ги следи движењата кај најважните показатели и ризиците и ќе ги презема сите неопходни мерки користејќи ги сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс и на ценовната стабилност.
Гувернерот Славески и амбасадорот Рокас ја истакнаа важноста од пристапувањето на земјава во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), како стратегиски чекор за економска и финансиска конвергенција кон Европската Унија, коешто се очекува да има значајно влијание врз конкурентноста, финансиската вклученост и модернизацијата на домашниот финансиски систем.
На средбата беше истакнато дека Народната банка остварува плодна соработка со Делегацијата на Европската Унија во спроведувањето на својата стратегиска ориентација и во процесот на усвојување на најдобрите практики и стандарди коишто сѐ повеќе ја приближуваат до Европскиот систем на централни банки, преку значајни проекти, техничка помош и активности за јакнење на капацитетите.