Skip to main content

Ристески: Има голем интерес за Законот за работно ангажирање, најмногу од угостителството каде сега недостига кадар

Има голем интерес за Законот за работно ангажирање, а Министерството за економија и труд ги продолжува информативните средби низ сите региони да се објаснат неговите предности, вели заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески. 

Интересот на инфо-средбите е многу голем. Целта наша е да ги анимираме и да ги информираме сите од опфатените дејности: земјоделството, угостителството и од услужните дејности. Понатаму, државниот трудов инспекторат да почне да го спроведува овој Закон на лице место, вели Ристески.

Според него, во Агенцијата за вработување се склучени десетици договори, а најмногу се од угостителската дејност. Се остава простор непрактичните делови од законот да бидат променети.

-Има повеќе десетини апликации во Агенцијата. Ова е премалку, но на информативните средби ги подготвуваме сите и ги поттикнуваме да прашаат што не им е јасно. Овој закон е дел од реформата на Европската Унија во контекст на сузбивање на сивата економија. Доколку има одредени делови  кои прават непрактична примена на Законот, ние ги заведуваме и доколку има можности понатаму да направиме одредени промени. Најголем е интересот од угостителството каде овој период се чувствува недостигот од кадар, вели Ристески. 

Инаку, во Прилеп за околу 30 проценти има недостиг од кадар во угостителството. Најмногу зашто сезонците заминуваат на работа, претежно, во Хрватска. Дел ќе се замени со младите и студентите, а ќе се најстојува и за дефицитарниот професионален кадар да се најде нов.

Се чувствува недостигот од кадарот. Недостасуваат келнери, шанкери, готвачи, пица мајстори. Ќе ја искористиме можноста што ја дава Законот заработно ангажирање и ги чекаме средношколците и студентите да завршат со учебната година. Главно за келнери, шанкери. За другиот професионален кадар ќе бараме кај другите невработени или пензионирани лица, вели Јорданчо Момироски, претседател на здружението на угостители „меанџии“ од Прилеп.

Во Прилеп се околу 90 угостителски објекти и има преку 800 вработени.

Законот заработно ангажирање лица кој започна да се применува од 1 јануари, опфаќа сезонско пријавување на ангажираните лица во угостителството, земјоделството и услужните дејности. Опфатени се младите, неврабтените, пензионерите, лицата од социјалните категории. Ќе бидат пријавени и дополнително ќе заработуваат без да ги загубат другите привилегии што ги користат. 

Поврзани вести