Skip to main content

Николовски: Покажавме дека Царинската управа е силно посветена на реформската агенда за забрзан влез во ЕУ

Во изминатата година покажавме дека Царинската управа е силно посветена на зајакнување на конкурентноста на македонската економија, подобрување на поврзаноста со регионот преку модернизација и отворање нови гранични премини на коишто посветено работиме, како и имплементација на нови технолошко напредни комуникациски системи. Ваквата реформска агенда на која сме силно посветени е клучна во градењето отпорно општество и забрзаната интеграција во ЕУ. Ова беше клучната порака од обраќањето на директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на втората конференција на високо ниво на генералните директори на Царинските управи на Западен Балкан и земјите членки на ЕУ одржан во Тирана насловен „Партнерство на Царинските управи за Поврзана Европа – Зајакнување на царинската соработка за подобра поврзаност“.

Николовски притоа потенцира дека е изготвен новиот Царински закон целосно усогласен со Царинскиот закон на Унијата при што се очекува истиот да се усвои годинава. Паралелно со силна поддршка на ЕУ, и други меѓународни партнери меѓу кои Република Кореја и Светска банка, Царинската управа, посветено работи на имплементација на проекти во вкупна вредност од 24,4 милиони евра. Целта како што рече е создавање целосно дигитално царинско работење во секој сегмент со цел олеснување на трговијата и намалување на времето на чекање на граничните премини како и поголема сигурност на стоките што влегуваат и излегуваат од државата.

Резултатите како што рече се веќе видливи, при што годинава од јануари до мај се наплатени приходи во износ од 847,6 милиони евра, што претставува раст од 4,8 проценти, а во истиот период се евидентирани 203 случаи на заплени што претставува 100 раст, во однос на истиот период минатата година. Воедно, директорот особено ги нагласи и резултатите во делот на спречување криминални дела, при што годинава Секторот за контрола и истраги поднесе 92 кривични пријави против 52 правни и 177 физички лица, што како што рече се навистина извонредни резултати, особено споредбено со лани истиот период кога биле поднесени 18 кривични пријави.

Царинската управа веќе е препознаена како државна институција која испорачува тимски резултати, а не поединечни. Веруваме дека овој пристап треба да се примени и на регионално ниво, како и во Европската Унија. Царинските управи треба да соработуваат, да разменуваат знаења и добри практики во сите области во нивна надлежност. Во овие напори, поддршката од меѓународните организации и донатори игра клучна улога, и искрено се надеваме дека таа поддршка ќе продолжи и во иднина – истакна директорот Николовски.

Во рамки на конференцијата беше усвоена и заедничка изјава со која царинските управи ќе се залагаат за зајакнување на царинското партнерство.

Конференцијата е во организација на Царинската управа на Албанија, како домаќини на настанот, заедно со Царинската агенција на Италија, СЕFТА секретаријатот, Проектот SEED + и Транспортната заедница.

Поврзани вести