Skip to main content

Николоски: Треба да се одложи воведувањето на системот ЕЕС за транспортерите

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска во Собранието изјави дека се согласува со ставот дека треба да се одложи воведувањето на системот ЕЕС за транспортерите. Николоски на седницата за опозициски прашања рече дека Владата го поддржува ставот на Комората на странските инвеститори во Македонија во врска со системот ЕЕС за влез и излез од ЕУ и најави дека по седницата, ќе има состанок со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, на оваа тема.

Се надевам дека еден заеднички притисок ќе даде резултат. Исто така, на вчерашната седница на Владата го задолживме Министерството за надворешни работи и надворешна трговија повторно да се обрати до ЕУ со барање да се одложат овие правила, така што се надевам дека овој проблем ќе се реши затоа што е огромен и затоа што претставува сериозен удар врз економиите од целиот регион на Западен Балкан – рече Николоски.

Тој посочи дека за ова со Европската Унија се разговара повеќе од една година, но рече и оти не наидуваат на разбирање.

Ќе им пренесам дека ова што го прават практично ќе значи смрт за економијата во регионот, но исто така ќе значи и затворање на бројни странски инвестиции коишто функционираат во регионот, а доаѓаат токму од земји членки на ЕУ. Намерно користам збор од регионот затоа што ова се однесува за цел Западен Балкан не е само за Македонија – рече Николоски.

Тој рече дека транспортерите не можат да извадат работни визи и затоа што немаат еден работодавач во конкретна држава земја – членка на шенген зоната и на тој начин е невозможно да извадат работна виза од превозниците и само транзитираат низ шенген зоната за да стигнат до Велика Британија. Има бројни проблеми што се отвораат, додаде Николоски.

Одговарајќи на прашањето на пратеникот од опозицијата Митко Трајчулески, Николоски рече дека вчера разговарал со претставници на повеќе сектори и бизниси во Македонија и оти тоа не само што ќе влијае на директните работни места коишто ќе се затворат, туку исто така ќе влијае на компаниите, односно основните стапки во нивното работење.

Николоски кажа дека јавноста треба да има претстава оти имаме многу серозни предизвици како регион којшто силно ќе удрат врз економијата.

Поврзани вести