
Преку 15 дописи доставивме до бугарската страна и немаме одговор. Очигледно е дека Бугарија не сака да ја гради пругата, иако шпекулираат. Самото тоа што одбегнуваат да се сретнеме, многу говори за судбината на проектот, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во емисијата “360 степени”.
Тој со јасен став дека Македонија е со цврста заложба за доизградба на пруга на коридор 8, но очигледно е дека Бугарија не сака да гради, бидејќи покажа несериозност со повиците за средби и фактот дека го откажаа проектот за реконструкција на пругата Софија-Перник.
Решението на проблемот е многу едноставно, ако сакаме да го решиме проблемот. Очигледно е дека Бугарија не сака да гради. Јас сега слушам шпекулации зошто е тоа така, но не сакам да се служам со шпекулации од причина што јас би бил несериозен. Фер е да се видиме и да ни кажат. Значи повторувам, ако бугарската страна сака да гради пруга, пруга ќе има и ќе се изгради. Што се дела, што се зборови? Зборови се вакви провокативни изјави од бугарска страна, а дела се дека Софија-Перник нема да се реконструира, затоа што парите ги тргнаа и ќе ги вложуваат во Софија-Бургас, а Македонија во моментов е единствена земја која што гради железница на коридорот 8. Ниту Албанија гради, ниту Бугарија гради. Ние во моментов пуштивме во функција во јануари еден дел од пругата, сега го градиме вториот дел. Бугарија не гради ништо, Албанија не гради ништо. За жал, јас велам за жал, затоа што во наш интерес е тоа да се заврши. Со сета почит до луѓето од Крива Паланка, нас не ни треба пруга од Скопје до Крива Паланка, еве пуштивме експресен пат во одлична кондиција е, се стигнува релативно брзо сега до Скопје. Нас ни треба пруга до Софија и до Црното Море, која што за жал во моментов ја нема, истакна вицепремиерот Николоски.