Skip to main content
Проектот е во завршна фаза

Мицкоски го посети логистичкиот центар на Лидл – инвестиција од 115 милиони евра 

Премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, заменик министерот за економија Марјан Ристески, директорот на Царинската управа Бобан Николовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов, како и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски во Куманово извршија увид и обиколка на логистичкиот центар на Лидл во Македонија, кој е во завршна фаза.

Станува збор за најголемата логистичка инвестиција во земјата и клучен проект за развој на малопродажната мрежа.

Инвестицијата е вредна 115 милиони евра и се протега на површина од 63 илјади метри квадратни. Со изградбата на логистичкиот центар ќе се овозможи побрзо снабдување на продавниците, отворање на 230 нови работни места и создавање нови можности за домашните компании и фармери да станат дел од синџирот на Лидл. Првата пратка на производи се очекува да биде кон средината на 2026 година.

Милена Драгијска-Денчева, извршна претставничка на Лидл, изрази благодарност за соработката до Владата и до Општина Куманово, во кои, како што рече „гледаат големи партнери“.

Овој логистички центар подразбира свежи производи за македонските потрошувачи во секоја продавница, секој ден. Не два, не три, не четири дена подоцна, туку буквално секој ден. Ова е можност и за македонските производители да ги намалат трошоците, односно да ги складираат своите производи овде како централна точка, а дополнително ние располагаме со контрола на квалитет, што е многу важно за Агенцијата за храна и ветеринарство, бидејќи гарантираме за свежината и за квалитетот на производите“, изјави Драгијска-Денчева.

Лидл веќе соработува со повеќе од 75 локални производители, а оваа соработка ќе се проширува со секое ново отворено продажно место.

Логистичкиот центар ќе биде основната точка за снабдување на сите идни Лидл продавници во државата, што ќе овозможи поефикасна дистрибуција и постојана достапност на производи за граѓаните. Со автоматизираните системи и дигиталните процеси, ќе се намалат загубите на храна и ќе се зголеми енергетската ефикасност.

Со изградбата на овој центар се поставува нов стандард за логистичка инфраструктура во Македонија. Лидл ја интегрира својата глобална стратегија за одржливост преку ЛЕД осветлување, системи за заштеда на енергија и оптимизирани транспортни рути со цел значително намалување на емисиите на ЦО₂. На покривот на зградата ќе има фотоволтаичен систем со капацитет од 1 MW, а отпадната топлина од системот за ладење ќе се користи како извор на топлина низ целата зграда, со што ќе се постигне максимална енергетска ефикасност.

Центарот ќе биде опремен со повеќе од 110 електрични виљушкари, ќе има 274 паркинг места за автомобили, 100 паркинг места за камиони и 2 станици за полнење на електрични возила, а во иднина се планира и поставување на станица за полнење на електрични возила.

Како дел од групацијата „Schwarz“, Лидл планира континуирано проширување на својата мрежа во Македонија со инвестиции од над 300 милиони евра и отворање над 1.000 работни места на национално ниво во следните години.

Поврзани вести