Договорот за средствата од унгарскиот кредит наменет за компаниите е финализиран и во вторник треба да помине на седница на Влада. Се надевам дека до крајот на месецов ќе биде се завршено, ќе се потпише со банките и ги повикувам економските оператори да подготват проекти и да аплицираат за да ги добијат кредитите од комерцијалните банки, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одолговлекувањето на кредитната линија, како што кажа, е заради проширување на опфатот на фирмите кои ќе можат да ја користат за што се правела анализа, а банките веќе ги имаат средствата на располагање и економските оператори ќе треба да потпишат договори со нив.
Анализата вели дека 250 милиони евра годишно е побарувањето на економските оператори за да земат заеми. Ако ги ограничите можностите, тогаш се ограничуваат и економските оператори и може да се случи од тие 250 милиони евра да се искористат само 120, 150 или 180 милиони евра, а другите да останат. Од тие причини сакаме да го прошириме сето она што ќе има позитивен импут во БДП и во македонската економија. Но, сега е се дефинирано, завршено е, содржината на договорот е готова, посочи Мицкоски во одговор на прашање по увидот во градежни активности на патот Катланово-Градманци во општина Петровец.
Потврди дека веќе се пристигнати и другите 500 милиони евра од унгарскиот кредит, а веќе е вратена и обврзницата од 500 милиони евра од 2018 година.
Во САД имав можност да разговарам со двајца многу високо позиционирани соговорници на две водечки банки во САД кои се најголеми купувачи на хартии од вредност и државни и евро обврзници. Тие ми посочија дека каматата која ние евентуално би ја добиле кога сега би оделе со обврзници ако не го земевме вториот дел од овој кредит ќе беше минимум 6,5 проценти. Со други зборови само во грејс периодот заштедивме 50 милиони евра со каматата од 3,25 проценти, прецизира Мицкоски.
Унгарскиот кредит за компаниите е со каматна стапка од 1,95 отсто, три години грејс период и 12 години рок на отплата. Компаниите можат да добијат најмногу до 10 милиони евра, доколку имаат 20 проценти сопствена компонента на учество во проектот.