
Министерството за трговија на Кина денеска соопшти дека Пекинг, ако биде потребно „ќе се бори до крај“, но и оти останува отворен за дијалог со САД по најавите на претседателот Доналд Трамп дека ќе воведе нови царини.
– Ако сакате борба, ќе се бориме до крај. Ако сакате да преговарате, нашата врата останува отвора, се наведува во соопштението од кинеското Министерство за трговија.
Трамп на 10 октомври објави дека САД ќе воведат дополнителни царини од 100 проценти за кинеските производи, покрај оние што веќе се во сила, и дека мерката ќе стапи на сила најдоцна на 1 ноември. Тој истакна дека реагира на најавата на Пекинг за ограничување на извозот на ретки минерални технологии.
Портпаролот на кинеското Министерство за трговија посочи додаде дека САД „не можат истовремено да бараат дијалог и да се закануваат дека ќе воведат нови царини“, потенцирајќи оти „не се разговара со Кина на таков начин“.
Тој додаде дека новите мерки на Пекинг „не претставуваат забрана за извоз“.
– Апликациите (за извоз) што ги исполнуваат сегашните барања ќе продолжат да добиваат лиценци како и досега, а ние ќе ја одржуваме безбедноста и стабилноста на глобалните индустриски и снабдувачки синџири, наведе портпаролот.
Според него, „последните четири рунди економски и трговски преговори јасно покажаа дека Кина и САД можат да најдат решенија за проблемите врз основа на меѓусебно почитување и рамноправни консултации“.