
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочовска соопшти дека покрај зголемената наплата на приходите, има покачување и на наплатата кај даночните приходи. Според неа, реализацијата на капиталните расходи се одвива согласно планираното, а со оглед дека Владата е фокусирана на инфраструктурните проекти, во периодот што следи, може да се очекува поголема реализација на капиталните инвестиции.
Потсетувајќи дека има нова методологија за евидентирање на капиталните расходи, Димитриеска Кочовска напомена дека нема да дозволи вештачко прикажување на капиталните приходи само колку да се покаже пред граѓаните дека наводно нешто се работи.
Има поголема наплата кај даночните приходи, наплаќаме дивиденди од оние институции кои имале добри резултати во 2023 година. Реализацијата на капиталните расходи се одвива согласно планираното, во јануари и февруари веројатноста дека ќе има голема реализација е минимална. Очекувајте во периодот што следи да има поголема реализација на капиталните расходи, истакна Димитриеска Кочовска, одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето на Денот на Царинската управа.

Таа потсети дека има нова методологија во делот на евидентирање на капиталните расходи со податоци за исплатените гаранции во име на некои од јавните претпријатија и акционерски друштва кои во минатото биле евидентирани како капитални расходи.
Како резултат на тоа имавте вештачка слика во однос на тоа што се случува. Денес не ги евидентираме како капитални расходи, туку одат под линијата, долу и како резултат на тоа ќе видите дека кога би ги вратиле во евиденција над линија, имаме поголема реализација во однос на изминатиот период што значи дека имаме реално поголема реализација во однос на претходната година од она што значи реална имплемнетација на капитален проект. Не зборуваме за аванси, плаќање гаранции за акционерски друштва,…, се е тоа под линијата. Кога ќе ги споредите податоците ќе видите дека имаме многу подобра реализација. Нема да дозволам како што беше во минатото, вештачки да ги прикажуваме капиталните приходи само колку да покажеме пред граѓаните дека нешто работиме, а во суштина во изминатите седум гопдини ако излезевме на терен, ќе видевме дека реализација на каков било проект не ни постоеше, речиси е нула, потенцира министерката.