
Ребалансот на буџетот не е само техничка корекција, туку резултат на анализа на тековните економски движења и прилагодување на приоритетите. Со него нема да се финансираат кампањи, туку ќе се финансираат проекти, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска пред гласањето за Ребалансот на буџетот за 2025 година.
Во обраќањето по завршување на собраниската расправа, министерката рече дека ребалансот е дел од редовната фискална постапка која одговара на реалната економска слика.
Со ребалансот нема да се финансираат кампањи. Ќе се финансираат проекти. Ќе се финансираат болници, училишта, патишта, градинки. Ќе се финансира развој, рече Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека со усвојувањето на ребалансот се овозможува реалокација на средства меѓу буџетските корисници во согласност со актуелните приоритети, како и дополнително финансирање на проекти кои имаат забрзана динамика на реализација и носат придобивки за развојот на земјата. Соопшти дека се предвидени дополнителни 800 милиони денари за зголемување на платите, 2,5 милијарди денари за исплата на зголемени пензии и 300 милиони денари за капитални проекти.
Во однос на усвоените амандмани, рече дека се прифатени амандмани со кои се обезбедени дополнителни шест милиони денари за проектна документација за нова сообраќајница во општина Куманово во Буџетот на Министерството за транспорт, дополнителни 50 милиони денари за исплата на социјални надоместоци во буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и пет милиони денари за Универзитетот „Гоце Делчев“ во Буџетот на Министерството за образование и наука.
Секоја ставка во овој ребаланс е заснована на реална потреба и на анализа на ефектите. Тоа не се трошоци, туку инвестиции во општествена стабилност, човечки капитал и инфраструктура, рече Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека инфлацијата и ценовните притисоци се сериозен предизвик, но дека државата одговора со јасни и навремени мерки, а во однос на задолжувањето потенцираше дека се работи за одговорно задолжување на домашниот пазар, со поволни камати. Таа нагласи дека јавниот долг е стабилизиран и управуван согласно фискалната стратегија и дека сите обврски се сервисираат навремено.
Овој ребаланс не е совршен, но е нужен, искрен и одговорен обид да се управува со јавните финансии во една предизвикувачка година, рече министерката за финансии.
Ребалансот на буџетот попладнево беше донесен на собраниска сендица. Власта и опозицијата во текот на денот изнесоа спотиставени ставови во однос на овој стратешки економски документ.