Skip to main content

Ако сакаме модерна држава, европска економија и силен приватен сектор,време е жените да бидат таму каде што се носат одлуките

На меѓународниот ден на жената, не зборуваме само за историската борба за работничките  и човековите права на жената, туку зборуваме за економија, за конкурентност и за иднината на нашата држава.

Претседателката на Здружението на жени менаџери „Елит“, Ленка Угриновска вели: Сакам јасно да кажам, прашањето за повеќе жени на раководни позиции не е прашање на системско решение (квоти) од милост, туку прашање на економска рационалност.

Кога жените учествуваат во носењето одлуки, компаниите носат поодговорни и подолгорочни стратегии. Тие инвестираат повеќе во човечки капитал, во одржливост и во стабилен раст.

Македонската економија не може да си дозволи да користи само половина од својот интелектуален и лидерски потенцијал. Имаме образувани, амбициозни, докажани жени во бизнисот, во делот на финансии, технологија, во индустријата. Но нивниот пат до врвот сè уште е тежок, бавен и со пречки.  

Жените сочинуваат околу 19–29,5 % од членовите на управните и надзорни одбори на најголемите компании кои ротираат на берзата во Македонија, според анализи за корпоративни структури. Овој процент е под просекот на ЕУ и значително под целта поставена од ЕУ од 40 % застапеност до 2026 година.

Истражувањата исто така покажуваат дека жените во голем број компании сè уште немаат жени на раководни места.

Само околу 21,3 % до 21,4 % од фирмите во Македонија имаат жени на врвни менаџерски позиции (топ менаџмент), што укажува на значителна недоволна застапеност на жените на лидерско ниво. Во Европската Унија има постојан напредок и  жените на менаџерски позиции се застапени со 35%

Ако сакаме модерна држава, европска економија и силен приватен сектор,
време е жените да бидат таму каде што се носат одлуките.

Во 2022 година  Европската Унија ја усвои Директивата на ЕУ за зголемување на бројот на жени на управувачки позиции позната како „Women on Boards“ директива (ЕК) 2022/2381 и постави јасна цел: најмалку 40% од членовите на неизвршните одбори да бидат од помалку застапениот пол или 33% од сите членови на одборите, вклучувајќи ги и извршните и неизвршните позиции, да бидат жени.

Оваа директива претставува економска стратегија затоа што кога жените се на масата каде што се носат одлуките, се менува културата на одлучување, се зголемува транспарентноста, се гради доверба.

Што добива Македонија ако има повеќе жени на раководни позиции?

Поголем БДП потенцијал, бидејќи поголемо учество на жените во економијата директно влијае на економскиот раст.
Подобра корпоративна култура и управување.
Поголема доверба од европски партнери и инвеститори.

Приближување кон европските стандарди,

Забрзување на евроинтегративниот процес.
Повеќе млади девојки што ќе веруваат дека лидерството е и нивен пат.

Како Здружение на жени менаџери „Елит“, ние се заложуваме и веруваме дека економскиот развој на земјата ќе се случи со женско лидерство, истакнува Угриновска.

Затоа веруваме дека 8 Март е ден на одговорност.

Одговорност да создадеме систем во кој способноста, а не полот, ќе биде критериум за напредување.

Одговорност да ја искористиме целата интелектуална и управувачка сила што ја имаме.

И одговорност да испратиме порака дека Македонија е подготвена за модерна, инклузивна и светска конкурентна економија.

Кога ќе има повеќе жени на раководни позиции, нема да добијат само жените. Ќе добие целото општество. Ќе добие економијата. Ќе добие државата.

Среќен 8 Март! И да работиме заедно за економија што ги вклучува сите.

Поврзани вести