
Српскиот претседател Александар Вучиќ закажа итен состанок со членовите на енергетскиот тим денес, 23 ноември, во 17 часот, поради сериозни проблеми предизвикани од американските санкции. Српските медиуми шпекулираат дека состанокот е одговор на лошите вести за Нафтената индустрија на Србија (НИС).
Главната закана, според Вучиќ, е дека без добивање на потребната лиценца, рафинеријата ќе запре, што ќе има последици за државата, иако граѓаните тоа можеби нема да го почувствуваат директно на бензинските пумпи. „Лиценцата ни е потребна исто колку и вчера. Ако не ја добиеме, рафинеријата ќе запре“, нагласи тој.
Вучиќ потврди дека Србија е ставена во тешка позиција поради санкциите на САД, особено по одлуките на претходните власти. Тој најави дека ќе предложи формална изјава до Вашингтон во врска со НИС и се надева на разбирање и партнерство од американската администрација.
Претходно, за време на разговорите со конгресмените Мајкл Тарнер и Доналд Норкрос, Вучиќ истакна дека зачувувањето на енергетската безбедност е клучно за Србија. НИС доби дозвола да преговара за излез од руската сопственост до 13 февруари, а претседателот најави дека повеќе информации за преговорите ќе објави во рок од 48 часа.

Македонски








