
Европската комисија денеска да го именува поранешниот европски комесар за регионална политика, за проширување и за буџет и администрација Јоханес Хан за свој специјален пратеник за Кипар, јави дописникот на МИА од Брисел.
Како што соопшти ЕК, мандатот на Хан ќе биде да придонесува во процесот за решавање на кипарското прашање во рамки на Обединетите нации во тесна соработка со личната пратеничка на генералниот секретар на ОН за Кипар, Марија Анхела Олгин Куељар.
Хан, дополнително, ќе има обврски да поднесува извештаи за напредокот во процесот до претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен.
– Именувањето ја одразува посветеноста на Комисијата за повторно обединување на Кипар, со цел да се обезбеди функционално и одржливо сеопфатно решение во согласност со релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН и во согласност со принципите, вредностите и законодавството на ЕУ. Специјалниот пратеник ќе соработува со сите релевантни засегнати страни и соговорници за да се подготви теренот за продолжување на преговорите за сеопфатно и трајно решение, вклучително и преку градење доверба, се додава во соопштението на ЕК.
Хан беше европски комесар во три последователни мандати од 2010 до 2024. Пред изборот за еврокомесар Хан беше министер за наука и истражување на Австрија од 2007 до 2010 година, пред тоа четири години и член на Регионалната влада на Виена