Skip to main content

Плеврис: Само 75 пристигнувања на нелегални мигранти на Крит во првите десет дена од септември

Фото: Freepik

Во првите десет дена од септември на грчкиот остров Крит пристигнале само 75 мигранти, наспроти 2.642 пристигнувања за само една седмица во јули, според министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис, кој во интервјуто за телевизијата „Скај“, објасни дека владината одлука три месеци да не се примаат барања за азил, носи резултати, јави дописничката на МИА од Атина.

Плеврис објасни дека „мерката е вонредна, а не екстремна“ и функционира и посочи дека исто така улога одигра и дипломатијата, односно Министерството за надворешни работи и соработката со маршалот Хафтар во Либија.

– Во јули, пред да се изгласа амандманот за суспензија на барањата за азил, што важи уште еден месец, за една седмица имавме 2.642 пристигнувања. Јули заврши со околу 3.650 пристигнувања, додека во август имаше 689, односно намалување од 80 отсто. Во првите десет дена од септември имавме 75 пристигнувања, бројка со која лесно се управува. Постои целосна рационализација. Имајќи го ова предвид, одлуката дали ќе се продолжи мерката за суспензија на азил ќе ја донесе премиерот, по наша препорака, во последните десет дена од септември, нагласи Плеврис.

Објасни дека на Крит планирана е изградба на затворен центар, бидејќи како што рече, доколку веќе постоеше организиран простор како што има на островите Лезбос, Самос или Кос, „немаше да го имаме притисокот од јули“.

Говорејќи за брановите од Турција истакна дека бројките се добри и во источниот дел на Егејското мора, каде што има намалување на пристигнувањата од 42 отсто споредбено лани.

За новиот закон за миграција што беше изгласан во Парламентот, уште еднаш повтори дека испраќа јасна порака до сите оние кои се нелегално во Грција.

-Некој што е нелегално во земјата нема да се движи низ населбите, туку ќе биде во административен притвор и ќе се соочи со кривично дело. Даваме две опции: или ќе оди во затвор или ќе биде депортиран. Целта е да се заштитат населбите, истакна Плеврис.

Поврзани вести