
Не стивнуваат реакциите во Србија откако властите во Косово објавија дека воени дронови се испорачани за Приштина од Турција, неколку месеци пред предвиденото.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави денеска дека Србија бара од Турција почитување на меѓународното право и интересите на српскиот народ, оценувајќи дека испораката на беспилотни летала од страна на Турција на Косово е „нелегална“.
Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, објави синоќа дека „илјадници“ камикази дронови „Скајдагер“ пристигнале од Турција пред предвиденото.
„Мојата работа е да градам добри односи со Турција, исто како што моја работа е, кога ќе видам дека мојот народ е загрозен од нелегалното снабдување со оружје, да застанам на страната на мојот народ и да се борам за интересите на мојот народ“, рече денеска Вучиќ во вонредно обраќање.
Вучиќ рече дека „бара почитување на елементарните норми на меѓународното јавно право и елементарните интереси на Србија и српскиот народ“.
„Можете да замислите како би изгледало ако вооружиме некого на некои територии што се проблематични за Турција, како што е југоистокот на Турција или некои други територии што Турците ги полагаат“, рече тој и најави дека ќе разговара за турската испорака на воена опрема и оружје на Косово со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Тој рече дека за ова разговарал со Ердоган минатата година, кога тој „ја замолил Турција да престане да ја вооружува Приштина“.
Вучиќ наведе неколку земји од кои Косово набавувало оружје и воена опрема.
Курти, објави дека беспилотните летала „Skydagger“ нарачани од Турција пристигнале во Приштина, неколку месеци порано од планираното и на Фејсбук постави фотографии од беспилотни летала на повеќенаменски камиони на аеродромот во Приштина. Според него, тие беспилотни летала требало да пристигнат во Приштина во јануари 2026 година, но пристигнале три месеци порано, според договорот со турската компанија „Бајкар“.
Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ објави дека одлуката на турските власти да достават смртоносно оружје до Приштина е едностран и нелегален потег, кој Србија „ќе мора да го земе предвид во своите понатамошни дејствија“.
Во објава на мрежата X, Ѓуриќ нагласи дека испораката на турски беспилотни летала на режимот на Аљбин Курти претставува „додавање масло на огнот и одличен пример за злонамерно мешање во регионалните работи со дестабилизирачки последици“.
„Остро го осудувам овој едностран и нелегален потег, кој претставува чекор назад во напорите за нормализирање на односите во регионот и поттикнување на политика на агресија против Србите и другите немнозински заедници во Косово и Метохија“, напиша тој. Ѓуриќ предупреди дека довербата е тешко да се изгради и дека, за жал, е многу полесно да се поткопа.
„Одлуката на турските власти да му достават смртоносно оружје на режимот на Курти додава масло на огнот и е одличен пример за злонамерно мешање во регионалните работи со дестабилизирачки последици“, рече Ѓуриќ.
„Србија ќе мора да го земе предвид овој потег во своите понатамошни дејствија“, заклучи Ѓуриќ.
Претседателот на парламентарниот Одбор за одбрана и внатрешни работи, Милован Дрецун, денеска изјави дека со вооружувањето на Приштина, Турција испраќа порака дека не сака стабилност во регионот.
По повод испораката на турските беспилотни летала во Приштина, Дрецун рече дека тоа е трета фаза од трансформацијата КБС во „таканаречена војска на Косово и дека постои вистинско прашање против кого ќе се користи ова оружје“.
„Тие нема да се користат против Албанија, бидејќи таканареченото Косово е во воен сојуз со Албанија и со Хрватска, нема да се користи ниту против Македонија, која е во НАТО. Тие беспилотни летала можат да се користат само против српскиот народ и евентуално како подготовка за конфликт со нашите безбедносни сили, за да се предизвика и прошири дестабилизација по административната линија на југот од централна Србија, за напади или за да се предизвикаат инциденти против нашите безбедносни сили стационирани по административната линија“, изјави Дрецун за РТС.
Вучиќ синоќа во објава на социјални медиуми го осуди новото вооружување на приштинските власти од страна на Турција.
„Сега е сосема јасно дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан и дека повторно сонува за обнова на Отоманското Царство. Србија е мала земја, но ние добро ја разбравме пораката!“, наведе тој во објава на Твитер.