
Над 5,2 милиони граѓани, досега извршиле бесплатни превентивни прегледи во рамките на Националната програма на грчката Влада, а кај речиси 178.000 лица навремено е откриен наод поврзан со рак на дојка, рак на грлото на матката, рак на дебелото црево и кардиоваскуларни заболувања, информираат од Министерството за здравство на Грција.
Програмата опфаќа шест милиони граѓани и се однесува на превенција на рак на дојка за жени на возраст од 45 до 74 години, за превенција на рак на грлото на матката за жени од 21 до 65 години, на рак на дебелото црево за сите граѓани од 50 до 69 години и за кардиоваскуларни заболувања, исто така за мажи и жени од 30 до 70 години.
Дополнително, програмата се проширува и на превенција на дебелината кај возрасните и на бубрежната дисфункција.
Како што беше соопштено на прес-конференцијата за конкретната програма во Министерството за здравство на Грција, во превенција и справување со дебелината кај возрасните, која вклучува бесплатен лекарски надзор, нутриционистичко советување и пристап до иновативни лекови без финансиски трошок, веќе над 6.500 граѓани започнале да добиваат целосна здравствена грижа во рок од еден месец од почетокот на програмата.
Вкупниот број корисници изнесува 36.360 лица, од кои 13.832 се на возраст од 30 до 49 години, а 22.528 на возраст од 50 до 70 години, додека пак во програмата учествуваат повеќе од 500 јавни здравствени установи, како и над 6.300 аптеки низ целата земја.
Во однос на новата програма за превенција на бубрежната дисфункција, што има за цел рано откривање на хроничната бубрежна болест, пред појава на сериозни компликации, како што беше наведено, издадени се и испратени околу 1.590.000 упати за превентивни прегледи и контроли, а паралелно биле отворени дополнителни 250.000 нови упати за нови корисници, поради вклучувањето на граѓани кои наполниле 30 години.
Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис посочи дека програмите за превенција „се покажаа како едни од најуспешните програми во историјата на земјата“ преку кои веќе се спасени илјадници животи.
Имаме сосема поинаква филозофија од онаа што ја имавме во претходните години. Целата филозофија е, наместо да чекаме граѓаните да дојдат во болница, ние одиме кај нив да им го промениме животот“, посочи Георгиадис.
Двете нови програми, за справување со дебелината кај возрасните и за превенција на бубрежната дисфункција, се спроведуваат во рамките на пошироката акција „Национална програма за превенција на јавното здравје – Спирос Доксиадис“, што е дел од Националниот план за обнова и отпорност Грција 2.0, финансиран од Европската Унија – „NextGenerationEU“ и имаат за цел навремена превенција на значајни фактори на ризик за кардиоваскуларни заболувања.

Македонски



