Skip to main content
8LWujD06Xeo

Молотови коктели на протест во Тирана: 46 лица уапсени по судири со полицијата

Инциденти пред Владата и Парламентот по собир на опозицијата; властите го осудија насилството, опозицијата упати остри политички пораки

Вкупно 46 лица се уапсени по синоќешниот протест на опозицијата во Тирана, кој прерасна во повеќечасовни судири меѓу демонстрантите и полицијата пред зградите на Владата и Парламентот, соопштија албанските власти.

Тензиите ескалираа веднаш по обраќањето на лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, кога дел од присутните почнале да фрлаат пиротехнички средства и запаливи предмети кон владините институции. Нередите продолжиле и пред објектот на Парламентот, каде што биле запалени повеќе контејнери за отпад и оштетена урбана опрема.

За воспоставување ред интервенирале полициски и специјални единици за разбивање нереди, при што биле употребени водени топови и солзавец. Според официјални информации, во обезбедувањето биле ангажирани над 1.600 полицајци, како и припадници на специјалните сили и Националната гарда, имајќи предвид дека протестот не добил формална дозвола.

Министерката за внатрешни работи Албана Коџиу на социјалните мрежи остро го осуди, како што наведе, „вандализмот врз државните институции и нападите врз полицијата“, потенцирајќи дека ваквото однесување претставува кривично дело и нема да биде толерирано.

Од опозициската Демократска партија, пак, протестот го оценија како израз на незадоволство од владините политики. Во своето обраќање, Бериша му порача на премиерот Еди Рама дека „деновите на актуелната власт се избројани“, повикувајќи на политички промени.

Синоќешните настани повторно ја отворија дебатата за начинот на организирање на јавни собири и одговорноста за одржување на јавниот ред, особено во контекст на претходни протести кои, исто така, завршуваа со инциденти во албанската престолнина.

Надлежните институции најавија дека ќе продолжат со идентификација на учесниците во насилствата и дека ќе бидат преземени законски мерки против сите инволвирани.

Поврзани вести