Skip to main content

Mилановиќ пред Радев: Дрска навреда е да се каже дека Украина е поблиску до членство во ЕУ отколку Македонија

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ остро го критикуваше односот на Европската унија кон земјите од Западен Балкан, оценувајќи дека е навредливо да се тврди дека Украина е поблиску до членство во ЕУ од Црна Гора или Македонија.

На заедничката прес-конференција со бугарскиот претседател Румен Радев, Милановиќ изјави дека „опседнатоста на европските структури со Украина е начин да останат на власт“.

Ми се чини сè поизгледно е дека овој цинизам и дрскост на одредени европски структури е незапирлив. Овие луѓе се чини дека се опседнати со Украина и како тоа да им е начин да останат на власт. Украина е земја во војна без јасно дефинирана територија, која не е во можност да се финансира сама. Да се каже дека Украина е поблиску до членство во ЕУ отколку Црна Гора или Македонија е дрска навреда кон тие земји. Тоа е неправедно и нехумано, изјави денеска Милановиќ во Пантовчак.

Во врска со спорот меѓу Бугарија и Македонија, Милановиќ изјави дека тоа е внатрешно прашање на двете земји. Тој посочи дека некогаш бил на страната на Скопје, но дека сега не сака повеќе да „жали“ држави кои не се дел од ЕУ.

Бугарскиот претседател Румен Радев негираше дека Софија ја блокира Македонија и рече дека „Скопје самото се блокира, бидејќи не ги исполнува критериумите од Копенхаген, особено во делот на човековите права и недискриминацијата“.

Веќе три години чекаме Скопје да го исполни единствениот услов: вметнување на бугарското малцинство во Уставот. Немаме дополнителни услови освен оние што се договорени. Сакаме да се исполни она што е договорено, изјави бугарскиот претседател, кој е во дводневна официјална посета на Хрватска.

Хрватскиот претседател оцени дека постои живот и надвор од Европската Унија.

Држава е држава и е мизерна ако мисли дека не може да функционира надвор од Европската Унија. А, Македонија не е мизерна, рече хрватскиот претседател, додавајќи дека ова е внатрешно прашање за Бугарија и Македонија, иако признава дека некогаш бил на страната на Македонците.

Милановиќ ја посети Македонија во мај оваа година, каде што рече дека „тие не треба да бидат жртви на никаква уцена или изнуда кога станува збор за членство во ЕУ“.

Милановиќ нагласи дека повеќе нема да биде ставен во позиција да „сожалува“ земја што не е во Унијата.

Постои живот надвор од ЕУ. Бугарија и Хрватска доживеаа зголемување на трговијата, а Бугарите сè уште го немаат еврото. Што значи тоа? Кога ќе влезат во еврозоната, таа трговија ќе порасне за уште 100 проценти? Нема причина да се очекува такво нешто. Ако сепак порасне, тоа веројатно нема да биде поради еврото, туку поради структурата на понудата, интересите, нешто што ги надминува бирократските одлуки за заедничката валута, рече хрватскиот претседател.

Милановиќ истакна дека Хрватска морала да исполни најмногу критериуми за да стане членка на ЕУ, иако сега е реалност дека некои земји од регионот би можеле да влезат послабо подготвени. Но, додаде, тоа не важи и за Украина, која „треба да опстане и треба да ѝ се помогне“.

Украина ќе влезе во ЕУ без разлика што мислам јас или премиерот Пленковиќ. Прво ја расчленија Русите, а потоа и ние (ЕУ), рече Милановиќ.

Посетата на Радев на Хрватска е дел од редовната билатерална соработка меѓу двете земји. Тој претходно го покани Милановиќ на самитот „Акаба процес“ во Софија, а во мај 2023 година, хрватскиот претседател беше во официјална посета на Бугарија.

Бугарија, која од 1 јануари следната година треба да стане нова членка на еврозоната, сака да ги искористи искуствата на Хрватска за да ги ублажи евентуалните негативни последици по граѓаните, рече Радев.

Тој денеска ќе се сретне и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и со претседателот на Саборот, Гордан Јандроковиќ. Во текот на посетата ќе положи венец кај Споменикот на татковината и ќе се сретне со претставници на бугарското национално малцинство во Хрватска.

Утре, на вториот ден од посетата, Радев ќе посети Вуковар, каде ќе положи венец на бугарските воени гробишта и ќе оддаде почит на жртвите од војната за независност.

Поврзани вести