
„Инфраструктурата е предуслов за инвестиции и за развој затоа што ако инвеститорот согледа дека вложувате во инфраструктурата, ве препознава како сериозен партнер“, истакна Мило Ѓукановиќ, поранешен премиер и претседател на Црна Гора и стопанственик, во најновата епизода на поткастот „Бизнис-клуб плус“ со Бранко Азески.
Запрашан какви се перспективите за Западен Балкан, тој потенцираше дека интеграцијата во Европската Унија претставува стратешка нужност, но нагласи дека земјите од Западен Балкан мора да си ги исполнат реформските обврски и да покажат политичка зрелост, бидејќи не верува дека ќе ни прогледаат низ прсти ниту, пак, дека ќе нѐ примат преку ред. Според него, земјите кои биле примени преку ред, поради некои геополитички односи, органски не припаѓаат во Европската Унија и додаде:
„Мора да ги исполниме домашните обврски, односно земјите на Западен Балкан да ги довршат реформите што ги започнале за да се искористи расположението на Европската Унија за завршување на процесот на проширување. Но, тоа бара посветеност. За Западен Балкан би било погубно продолжувањето на процесот на самоизолација затоа што културно и културолошки припаѓаме во Европа.“

Македонски








