Skip to main content

Демократска партија на Албанија: Уредбата за вонредни избори во Тирана е уставен пуч

ДП сајт/ Барди ФБ

Најголемата албанска опозициска партија, Демократската, реагираше, откако шефот на државата, Бајрам Бегај, попладнево потпиша уредбата за спроведување вонредни избори и за градоначалник на Тирана, оценувајќи дека шефот на државата извршил уставен пуч.

Пренесувајќи го партискиот став, координаторот на пратеничката група, Газмент Барди, вели дека она што го направил Бегај не е никакво изненадување.

Без изненадувања од Бајрам Бегај! Како што предупредивме, Бајрам Бегај не е претседател на Албанците, туку робот, командуван од Еди Рама. Со сериозното кршење на Уставот што го направи денес, претседателот на Републиката изврши уставен пуч, бидејќи го уништи и авторитетот на Уставниот суд на Албанија и темелите врз кои се гради владеењето на правото“, напиша Барди во објава на социјалните мрежи.

Демократите сметаат дека делумните избори во Општина Тирана влегле во „уставен ќорсокак поради денешниот акт на претседателот на Републиката“.

Надлежноста за разгледување на жалбата на Ерион Велиај, против неговото разрешување доставено до Уставниот суд, не е право кое треба да го дава Еди Рама, туку Уставот на Република Албанија. Уставниот мандат не може да се прекине освен од причините предвидени во Уставот и ова е предмет на уставна контрола“, наведува Барди.

Тој посочува дека „никој во 35 години демократија не го оштетил толку многу угледот на шефот на државата, како Бегај“ и оти „Еди Рама го зел Бајрам Бегај како заложник и командува со него исто како со Диела“.

Претседателот Бегај со уредбата одреди на 9 идниот месец да се спроведат вонредни избори за градоначалници на општините Валона, Берат, Мат, Тепелена и Церик, каде градоначалниците сами си дале оставка, како и во Тирана, каде градоначалник беше Ерион Велиај.

Во однос на Тирана тој образложи дека одлуката на владата е во согласност со член 115 од Уставот, во кој стои дека ” може да се разреши доколку три месеци непрекинато не се појавил на работната позиција“. Исто така наведе дека одлуката не е суспендирана од Управниот суд

Велиај, кој е од Социјалистичката партија, од 10 февруари е во затворски притвор, осомничен за корупција и перење пари. Со мнозинство гласови на 23 септември Советот на Општина Тирана усвои предлог за негово разрешување, по што одлука за тоа донесе владата. Тој достави жалба до Уставниот суд, кој објави дека се согласил да го разгледа.

Поврзани вести