
Албанскиот премиер Еди Рама денеска ќе има официјална средба во Рим со премиерката на Италија, Џорџа Мелони, во палатата Чиги.
– Средбата, за која објави на веб-страницата на кабинетот на италијанската премиерка, е закажана за во 15 часот и се очекува соговорниците да се фокусираат на зајакнување на билатералните односи меѓу Албанија и Италија, но и безбедносната состојба на глобално ниво – објавија албанските медиуми.
Оваа средба меѓу двајцата премиери доаѓа по првата меѓувладина седница Италија – Албанија одржана во Рим во ноември 2025 година, каде што беа потпишани 16 договори за соработка.
Потпишаните документи опфаќаат клучни сектори, како што се одбраната и безбедноста, каде што се издвојува снабдувањето со опрема, технологија и изградбата на поморска инфраструктура за бродови во Албанија.
Исто така, беше договорено да се прошири соработката за проектот за подводна интерконекција за обновлива енергија.
На состанокот беше постигнат договор и за управувањето со емигрантските текови, соработка во здравството и образованието.

Македонски


