Skip to main content

Рама во Рим: Ниту една италијанска Влада немала толку многу соработка со нас како оваа под водство на Мелони 

Албанскиот премиерот Еди Рама е во официјална посета на Рим, важна средба во контекст на зајакнување на билатералните односи меѓу Албанија и Италија, каде од неговата колешка, Џорџа Мелони, беше пречекан со сите државнички почести, објави албанската државна агенција АТА.

Во моментот на дочек, Рама повторно привлече внимание со својот посебен гест, клекнувајќи пред Мелони.

На средбата на двајцата премиери фокус бил ставен на  напредокот во соработката меѓу двете земји, продлабочувањето на односите меѓу нив, како и прашања од заеднички регионален и европски интерес.

Во објава на социјалните мрежи Рама оценува дека „поддршката од Италија отсекогаш била тука, но, немало толку многу соработка меѓу двете соседни земји отколку сега, кога на чело на италијанската влада е Мелони“.

Сите италијански влади во последните 35 години биле особено пријателски настроени кон Албанија, но ниедна италијанска Влада не покренала толку обемна програма за стратешка соработка со Албанија како владата на Џорџа Мелони. Понатамошното зближување со Италија преку големи и конкретни проекти носи поголем развој и безбедност за Албанија“, напиша Рама. 

Средбата меѓу двајцата премиери доаѓа по првата заедничка седница на владите на двете земји, што се одржа во Рим, во ноември 2025 година, кога беа потпишани 16 договори за соработка.

Во рамки на посетата на Италија, се очекува Рама да се сретне и со министерот за одбрана, Гвидо Кросето.

По Рим, Рама ќе отпатува за Барселона како дел од меѓународните ангажмани и зајакнувањето на соработката со европските партнери. По покана на премиерот Педро Санчез, ќе учествува и на четвртиот состанок на самитот „Во одбрана на демократијата“, што се одржува во Барселона, Шпанија“, наведува АТА.

Во рамките на Самитот, премиерот Рама ќе оствари и билатерални средби со премиерот Санчез и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста. 

Поврзани вести