
Албанските земјоделци со земјоделски и сточарски фарми сега можат да добијат грантови што покриваат до 50 проценти од трошоците за нивната механизација и модернизација во рамките на Националната инвестициска шема за 2025 година, објави на Фејсбук, министерката за земјоделство на Албанија, Анила Денај.
Според министерката Програмата има за цел да ги намали трошоците за производство и времето, да ја зголеми ефикасноста и квалитетот на производите и да ја зајакне конкурентноста на земјоделците на пазарот.
Шемата обезбедува финансирање до 50 проценти од вкупната фактурирана вредност, со максимален износ од 5 милиони леки (51. 540 евра) по корисник.
Земјоделците можат да го комбинираат грантот со кредити со ниска каматна стапка од 2 проценти и државна гаранција што покрива 70 проценти од потребниот износ. Рокот за аплицирање е 30 септември 2025 година, додава таа.
Програмата за 2025 година вклучува девет мерки за поддршка насочени кон поттикнување на инвестициите во земјоделството, отворајќи го патот за помодерен, попродуктивен и поконкурентен сектор.