
Новиот Закон за безбедност во сообраќајот во Грција воведува построги санкции за прекршоци поврзани со безбедноста на патиштата, проширувајќи ја одговорноста не само на возачот, туку и на патниците во возилото, пишува „Плусинфо“.
Изменетиот закон, кој е на сила веќе неколку месеци, во комбинација со зголемени полициски и сообраќајни контроли, ја покажува јасната намера на властите да го подобрат однесувањето на учесниците во сообраќајот и да го намалат бројот на сообраќајни несреќи, преку построга и попрецизно дефинирана законска рамка.
Врзувањето на безбедносниот појас при возење е едно од основните средства за заштита во автомобилот и е клучен фактор за намалување на последиците од сообраќајните несреќи, бидејќи бројни студии покажуваат дека значително го намалува ризикот од сериозни повреди или смрт.
Според новиот систем на казни:
– Доколку возачот не користи сигурносен појас, се казнува со 350 евра и возачката дозвола му се одзема во траење од 30 дена,
– Доколку патникот не користи сигурносен појас, се изрекува казна од 150 евра и за него и за возачот, дури и ако возачот е врзан.
Ова значи дека вкупната казна може да достигне до 800 евра ако неколку патници не се врзани (350 евра за возачот и 150 евра по патник).
Во случај на повторен прекршок, казните се построги:
– Втор прекршок во рок од пет години – 1.000 евра и одземање на дозволата во траење од 180 дена,
– Трет прекршок во рок од пет години – 2.000 евра и одземање на дозволата во траење од една година.
Посебно внимание треба да се посвети и ако престојувате во Грција и се возите во такси, бидејќи истите прописи важат и за корисниците на такси.
За такси возилата важат следните казни:
– Патник кој не користи сигурносен појас плаќа казна од 150 евра.
– Во исто време, возачот на такси ќе биде казнет и со 150 евра ако неговиот патник не носи сигурносен појас, без оглед на тоа дали носи сигурносен појас.

Македонски


