Skip to main content

Барса сепак беше пресилна

Македонскиот и шпанскиот ракометен шампион, Еурофарм Пелистер и Барселона вчера во Битола приредија вистински ракометен спектакл, не штедејќи ги тајните на ракометната игра.

Светскиот клупски првак Барселона го совлада Еурофарм Пелистер со 34:30 (17:13) во рамки на петтото коло од групата Б во Лигата на шампиони, но резултатот брзо ќе биде заборавен, а мајсториите на Дикамем, Емил Нилсен и Макуч кај гостите, односно на Филип Кузмановски, Дејан Манасков и Никола Митревски кај домаќините долго ќе се паметат. Најубавиот момент на натпреварот беше регистриран во 58 минута кога Митревски и Манасков го надитрија најдобриот голман на светот Нилсен.

Иако спортскиот пораз на пелистерци беше очекуван, сепак домашниот тим покажа храбра и отворена игра која анализирана низ резултатот може да се каже дека Еурофарм Пелистер во второто полувреме беше рамноправен, а на моменти и подобар тим.

Бодовите патуваат во Барселона, а аплаузот од навивачката група „Чкембари“ остана за двете екипи, но и актерите на мечот на крајот ѝ аплаудираа на битолската публика.

Статистички, најефикасни на средбата беа Манасков и Хенингман со по осум голови во домашниот тим, а кај гостите се истакнаа Макуч и Мем со по шест голови.

За Еурофарм Пелистер ова е четврти пораз во петтиот натпревар по кој остана на претпоследното место во групата пред дуелот на гостински терен против лидерот Магдебург на 23 овој месец.

Поврзани вести