
Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски направи уште еден голем чекор во својата кариера, откако со резултатите во квалификацискиот период обезбеди пласман на Светското првенство во атлетика што следната година ќе се одржи во Пекинг.
Ивановски собра доволно бодови за да се најде меѓу најдобрите маратонци во светот и моментално е рангиран на 65. место во квалификациите, а на шампионатот во кинеската престолнина ќе настапат најдобрите 100 натпреварувачи во маратонската дисциплина.
Неговиот тренер Игор Јакимовски преку социјалните мрежи објави дека успехот е резултат и на квалитетот на Скопскиот маратон, кој ги исполнува критериумите за меѓународно рангирање и овозможува резултатите од оваа трка да бидат дел од квалификациите за големите атлетски натпреварувања.
Дарио уште сега е пласиран на СП Пекинг 2027 година, дури и доколку воопшто не се натпреварува до стартот на следниот глобален настан на најдобрите светски атлетичари“, порача Јакимовски.
Тој додаде дека доколку Ивановски до јули 2027 година не постигне подобар резултат или пласман од оној на Скопскиот маратон, неговото рангирање би можело максимално да се спушти до 85. место во конкуренција од 100 учесници.
Ова е успех и за Скопскиот маратон, чие име стои веднаш зад името на Дарио Ивановски во квалификациите за Пекинг“, истакна тренерот.
Ивановски на Скопскиот маратон го постигна својот втор најдобар резултат во овој квалификациски циклус за Светското првенство, а во комбинација со резултатот од трката во Белград му донесе одлична позиција на светската ранг-листа.
Светското првенство во атлетика ќе се одржи од 10 до 19 септември 2027 година во Пекинг, а маратонската трка ќе стартува од познатиот олимписки стадион „Птичје гнездо“.
Со овој успех, Ивановски продолжува да го потврдува статусот на еден од најдобрите македонски атлетичари и повторно ќе биде дел од најголемата светска сцена.

Македонски


