Skip to main content

Отворени денови на Институтот „Крсте Мисирков“ во знакот на неколку јубилеи, над 90 учесници на меѓународната конференција за македонскиот јазик

МИА

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од денеска до 16 октомври ги организира 11. Отворени денови, во чии рамки утре и задутре ќе се одржува 11. меѓународна научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања”. Централна тема на конференцијата е „Нормата и јазикот“ и ќе учествуваат 95 домашни и странски лингвисти.

Отворените денови остануваат симбол на отвореноста на Институтот за македонски јазик за сите почитувачи на македонскиот јазик, рече директорката на Институтот Елена Јованова-Грујовска во поздравното обраќање.

Покрај државните годишнини – 85 години од почетокот на антифашистичкото народно востание и 35 години од незавиноста на државата, Институтот на годинашните Отворени денови ќе одебележи уште неколку јубилеи: 1110 години од упокојувањето на Климент Охридски и 1140 години од основањето на Охридската книжевна школа; 100 години од упокојувањето на Крсте Мисирков; 90 години од раѓањето на Коста Пеев и 80 години од раѓањето на Марија Коробар-Белчева, Димка Митева, Маријана Киш и на Кита Бицевска.

Јованова-Грујовска во говорот соопшти што постигнал Институтот во изминатата година односно од минатогодишните Отворени денови и како најзначаен научен проект го издвои објавувањето на првиот том од Етимолошкиот речник на македонскиот јазик, од проф. д-р Гоце Цветановски. Во последната година одржале неколку научни собири и настани посветени на јазикот, докторирале осум асистенти кои пред четири години беа вработени во Институтот, со поддршка од МОН се набавени 12 нови лаптопи. Од Министерството за култура и туризам, пак, рече имаат поддршка за објавување списанија и монографии, а со средства од други извори, со самофинансирање и соиздаваштво, Институтот објавил 12 нови книги.

Во оваа пригода директорката Јованова-Грујовска рече дека им е потребна поддршка за повеќе научни проекти, настани и публикации и дека објектот има потреба од внатрешни и надворешни интервенции.

Манифестацијата со поздравно обраќање ја отвори претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој порача дека таму каде што се почитува еден јазик, се почитуваат и луѓето што го говорат.

Во време кога националните јазици го губат својот простор, а глобализацијата ги потиснува јазиците на малите народи, наша одговорност не е само да го зачуваме нашето јазично наследство, туку и да го одржуваме живо, да го развиеме и да го отвориме кон светот. Пред сè, наша одговорност е да го гледаме јазикот како мост меѓу луѓето, да создадеме услови млади генерации да ги познаваат и почитуваат своите јазици, но, истовремено, да имаат можност да учат и други јазици, да комуницираат со други култури и да бидат активни граѓани на едно европско општество, истакна Гаши.

Нагласи дека Собранието ја поддржува работата на научните институции, вклучително и на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ како и на сите други научни образовни и културни институции кои, рече, „придонесуваат за зајакнување на националниот идентитет на македонскиот народ и на другите идентитети што се градат со векови во нашата држава“.

Во Институтот денеска е Ден на францускиот јазик, затоа што нивната установа, рече директорката Јованова-Грујовска, „секогаш била и е пример за почитување на различните јазици и култури“.

Амбасадорот на Франција во Македонија, Кристоф ле Риголер, со порака добро да се знае сопствениот јазик, но го нагласи и значењето на повеќејазичноста и важноста да се учат и говорат и други јазици освен мајчиниот.

Добро да се познава својот јазик е првото, најважно знаење. Институтот одамна ги негува врските помеѓу францускиот и македонскиот јазик, особено во областа на синтаксата, има и позајмени зборови од францускиот јазик. Но, се разбира, врските помеѓу двата јзика и двата наши народи не застануваат само на позајмените зборови. Знам и дека Инститиут посветено работи на проучувањето на јазичните еквиваленти меѓу францускиот и македонскиот јазик. И сето тоа нè учи на нешто кон кое ние, Французите, сме многу приврзани, а тоа е повеќејазичноста. Таа ни помага да создадеме алатка за да градиме мостови. Но, повеќејазичноста ни создава алатка и за подобро да го познаваме и подобро да го проучиме својот сопствен јазик, истакна Ле Риголер.

За значењето на научноистражувачката активност на Институтот за македонски јазик во изминатите седум децении се осврна Иван Чорбев, проректор за меѓународна соработка на Универзитетт „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.

Во повеќедецениското работење Институтот за македонски јазик прерасна во значајна научна и реномирана образовна институција во областа на македонскиот јазик со огоромен потенцијал за завршување на фундаментални научноистражувачки проекти. Резултат на оваа работа се илјадници објавени страници во монографии, речници, списанија и зборници. УКИМ и научната јавност со должна почит и внимание ги очекуваат новите наслови што ќе бидат промовирани на годинашните Отворени денови, рече Чорбев.

МИА