Skip to main content

Песните на Фолтин добија 16 нови верзии

Битолскиот бенд Фолтин ја заокружи серијата „FOLTIN RE:COMPOSED“, проект во кој 16 автори и состави од Македонија и регионот снимија сопствени верзии на нивните композиции. Последниот сингл од циклусот го потпишува софискиот продуцент Котарашки. Сите песни веќе се достапни на дигиталните платформи под етикетата на FILTER Label, а целата колекција во текот на следната година ќе добие и свое винилно издание преку Password Production.

Последната композиција од проектот ја сработи Никола Груев – Котарашки, познатиот музички продуцент од Софија. Тој во своите јавни настапи често истакнуваше дека токму звукот на Фолтин бил негов главен мотив за да почне професионално да создава музика.

Со оваа изведба се затвора круг од шеснаесет преработки што бендот ги објавуваше периодично како роденденски подарок за публиката. Идејата на битолската група беше нивните песни да поминат низ ракописот на различни уметници и да добијат нови ритмички и стилски насоки, без обврска да го задржат оригиналниот облик.

Списокот на соработници опфати широк спектар на жанрови и генерации. Меѓу учесниците се Дина Јашари, Горан Трајкоски, Васил Хаџиманов, Кристо Роџевски, Каролина Гочева и Дуке Бојаџиев, ДЈ Гоце, Љубојна, Foolish Green и Superhiks.

Свои верзии снимија и составите Hot Jazz Orchestra, Lufthansa, Next to Silence, Parketi, Prince$$ Donatsu & Donplaya, Летечки Пекинезери и Моира. Секој од нив понуди сопствено читање на материјалот, менувајќи ги аранжманите и атмосферата на добро познатите песни.

Дигиталните изданија излегоа под капата на домашниот FILTER Label, додека физичкото издание на плоча се подготвува во соработка со куќата Password Production. Издавањето на винилот е планирано во текот на следната година.

Визуелниот идентитет на проектот го изработи дизајнерот Зоран Кардула, додека радиопремиерите одеа секој понеделник во емисијата „Маја за подварок и менопауза“ со Маја Казакова на радио Метрополис. По три децении постоење на сцената, членовите на Фолтин порачуваат дека песните продолжуваат да живеат свој самостоен живот надвор од студиото.

Поврзани вести