
Иако имаше само 1,8 отсто шанси да победи на лотаријата, Далас Маверикс го доби правото да избира прв на претстојниот драфт во НБА лигата, одлучи синоќешната жрепка во Конгресниот центар „МекКормик Плејс“ во Чикаго.
Првата рунда од драфтот ќе се одржи на 25 јуни, а втората рунда следниот ден во „Барклис Центарот“ во Бруклин.
Откако лотаријата за првиот избор беше воведена во 1985 година, само три клубови со помалку од два отсто шанси успеаја да го добијат изборот „број 1“. Ова е прв пат во историјата Далас да победи на драфт лотарија.
„Пресреќен сум за навивачите на Маверикс“, рече извршниот директор на Далас, Рик Велтс.
Далас речиси сигурно ќе го драфтува Купер Флег, кој го предводеше Дјук до фајналфорот во НЦАА лигата во неговата единствена колеџ сезона како бруцош и беше прогласен за играч на годината.
Резултати од лотаријата за драфтот на НБА за 2025 година: 1. Далас, 2. Сан Антонио, 3. Филаделфија, 4. Шарлот, 5. Јута, 6. Вашингтон, 7. Њу Орлеанс, 8. Бруклин, 9. Торонто, 10. Хјустон, 11. Портланд, 12. Чикаго, 13. Атланта, 14. Сан Антонио