Skip to main content

Новоматик останува спонзор на Вардар и во следната сезона

Новоматик Македонија го продолжува договорот за генерално спонзорство на ФК Вардар во наредната година, со вредност од еден милион евра, соопштија денеска на заедничка прес-конференција претставникот на менаџментот на Новоматик Македонија Петар Пенчев и капитенот на ФК Вардар Горан Закариќ.

Пенчев посочи дека Новоматик Македонија ќе продолжи понатаму да дава финансиска поддршка во најзначајните општествени сфери, како што се спортот, јавното здравство и културата. Претставникот на менаџментот на Новоматик Македонија, Пенчев, ги повика останатите компании од земјава да ги следат нивните определби за општествена одговорност и да дадат свој придонес во развојот на македонското општество.

– Минатата година објавивме дека Новоматик Македонија, во чија групација се светски реномирани брендови Адмирал, Астра и Казино Фламинго, со годишен финансиски пакет од еден милион евра ги поддржуваме амбициите на ФК Вардар за враќање на старите патеки. Пред три месеци објавивме дека станавме партнери на Фудбалската федерација на Македонија, само во македонскиот фудбал Новоматик Македонија спонзорира повеќе од три милиони евра. Без намера да звучиме неискрено, со право може да истакнеме дека Новоматик Македонија е вистински пример за тоа како се слушаат потребите на заедницата. Како светски лидери во индустријата игри на среќа веќе сме спонзори на РК Вардар, КК МЗТ – Скопје и ФК Кожув, истакна Пенчев.

Капитенот на ФК Вардар, Закариќ, во име на клубот, играчите и стручниот тим ја поздрави одлуката на Новоматик Македонија и нагласи дека инвестициите од страна на компаниите во спортот претставуваат инвестиции во здрава и просперитетна младина, бидејќи како што рече, младите гледаат пример во професионалните спортисти и се идентификуваат со нивните индивидуални и колективни спортски успеси.

– Младите секогаш гледаат пример во професионалните спортисти и се идентификуваат со нивните индивидуални и колективни спортски успеси. Затоа, секоја компанија која што инвестира во спортот, инвестира во здрава и просперитетна младина. Импресивни се заложбите на Новоматик Македонија да ги поддржи плановите на актуелниот менаџмент на ФК Вардар. Како капитен сакам да ја уверам јавноста дека сите фудбалери се целосно посветени на подготовките за новите предизвици. ФК Вардар е вистинска гордост и претставува синоним на фудбалската традиција во регионот и пошироко, истакна Закариќ

Поврзани вести