
Грчката полиција приведе две лица во врска со убиството на претседателот на кипарскиот фудбалски клуб од втората лига Кармиотиса.
Ставрос Демостенус, 49, беше застрелан пред својот дом во крајбрежниот град Лимасол на 17 октомври. Демостенус бил во својот автомобил кога непознат напаѓач на мотоцикл пукал во неговото тело.
Осомничените, идентификувани како етнички Грци од Грузија, биле приведени во четвртокот во Солун откако Кипар издаде европска потерница.
„Тие се осомничени дека учествувале во извршување на нарачано убиство“, изјави полициски службеник, без да даде детали за нивната улога.
Грчката полиција не ја исклучува можноста осомничените да се поврзани со таканаречената „грчка мафија“, која се смета за одговорна за неколку слични нарачани убиства и има блиски врски со мрежи на организиран криминал управувани од етнички Грци во Грузија и други поранешни советски републики.
Кармиотиса минатата сезона настапуваше во најсилната кипарска фудбалска лига, но го загуби прволигашкиот статус.
 
                    
 
                         Македонски
Македонски







