
Херојска приказна излезе на површина по една од најцрните трагедии во поновата историја на Швајцарија. Стана јасно дека младиот лев бек на Мец, Тахирис дос Сантос (19), се здобил со тешки изгореници откако свесно се вратил во пламените за да ја спаси својата девојка за време на катастрофалниот пожар во бар во Кран-Монтана.
И покрај сериозноста на повредите, состојбата на фудбалерот е стабилизирана и има охрабрувачки знаци на закрепнување. Добрата вест ја потврди неговиот агент Кристоф Хито, кој откри дека Дос Сантос првично успеал да се извлече од запалениот локал, но кога сфатил дека неговата девојка останала внатре, без размислување се вратил назад во огнот.
Трагедијата се случила за време на новогодишната ноќ, кога пожар, предизвикан од прскалки, избувнал во подрумскиот дел од локалот и за многу кратко време се проширил. Според официјалните информации, животот го загубиле 47 лица, а околу 150 биле повредени. Дос Сантос е првиот професионален спортист кој официјално се води меѓу настраданите.
„Тој не е само жртва, туку вистински херој. Излезе од пеколот, а потоа се врати за да ја спаси девојката“, изјави Хито.
Агентот додаде дека младиот фудбалер има изгореници на околу 30 проценти од телото, но е свесен, може да зборува и да дише самостојно, без потреба од апарати за дишење.

Македонски






