
На 5 март 2026 година, по осми пат, во Центарот за култура – Битола, ќе се одржи концертот „Засекогаш во срцата“, посветен на музиката и наследството на Тоше Проески. Настанот со години прерасна во препознатлива традиција и еден од најемотивните музички проекти во Битола, кој секоја година обединува публика од различни генерации.
Концертот се реализира во организација на Оркестар DIVA, во соработка со Центар за култура Битола. Оркестар DIVA со години е носител на овој проект, градејќи внимателно осмислена концертна целина која со почит и достоинство му пристапува на музичкото наследство на Тоше Проески.
Годинава, на сцената ќе настапат: Наде Талевска, Димитар Андоновски, Ана Петановска, Бојан Стојков, Јасна Димитровска, Марија Митровска, Марија Јаковлеска и Алексеј Ивановски изведувачи кои ќе ѝ дадат свој личен печат на музиката што одамна е дел од колективната меморија. Музичките аранжмани се прилагодени од Владимир Димовски, со цел песните да добијат нов оркестарски израз, задржувајќи ја нивната препознатлива емоција и суштина.
Концертот е во 20 часот, во Центар за култура – Битола. Билетите се во продажба по цена од 500 денари, преку платформата yournextevent.info и на продажното место Тобако Димпо во Битола.

Македонски



