Skip to main content

Скопје џез фестивал: After the Wildfire Quartet и Goran Kajfeš Tropiques вечерва настапуваат во Националната опера и балет

Во Националната опера и балет, со почеток во 20:00 часот, на сцената ќе настапи After the Wildfire Quartet – состав познат по својот експресивен звук и спојот на современи џез структури со медитативни музички пејзажи. Нивната музика се движи помеѓу нежна меланхолија и експлозивна енергија, градејќи исклучително сценско искуство.

По нив, од 22:00 часот, публиката ќе има можност да ужива во настапот на Goran Kajfeš Tropiques, проект на шведскиот трубач со хрватско потекло, познат по својата способност да создава звучни светови каде што се сретнуваат џезот, психоделијата и ритмите од различни делови на светот.

Овогодинешниот фестивал, кој веќе повеќе од четири децении го претвора Скопје во центар на светскиот џез, и оваа година останува верен на својата мисија – да ги спои традицијата и иновацијата, да донесе врвни уметници и да ја негува слободата на музичкото изразување.

Под уметничко раководство на Оливер Белопета, Скопскиот џез фестивал и натаму ја потврдува својата репутација како културен настан од европски формат – место каде што џезот не е само музика, туку и дијалог меѓу културите, генерациите и идеите.

Поврзани вести