
Ренато Чико е истакнат џез-пијанист, органист, композитор и музички педагог со меѓународна кариера, препознатлив на европската и американската џез-сцена. Образованието го стекнал на Универзитетот за музика во Грац, а го продолжил на престижниот Berklee College of Music во Бостон.
Во текот на 1990-тите години живеел и работел во Њујорк, каде што настапувал и соработувал со истакнати музичари како Lionel Hampton, Jon Hendricks, Freddie Hubbard, Benny Golson, Joe Williams и Wynton Marsalis, а делувал и како член на оркестарот на Lionel Hampton и музички директор на ансамблот Jon Hendricks & Company.
По долгогодишното искуство на њујоршката сцена, Чико се враќа во Европа, каде што паралелно дејствува како концертен уметник и професор по џез-импровизација на Универзитетот за музика во Грац, продолжувајќи активно да настапува и снима со различни состави. Неговиот богат авторски и изведувачки опус опфаќа бројни албуми, меѓу кои се издвојува проектот First Encounter – Organ & Big Band.
Концертот на Националниот џез оркестар и Ренто Чико ќе се одржи на 19 февруари 2026 година во 20 часот, во Националната опера и балет, под диригентство на маестро Џијан Емин.
Неговиот современ авторски израз денес е најпрепознатлив преку звукот на хамонд-оргулите – инструмент кој е во центарот на проектот „Organ & Big Band“. Токму таа програма, базирана на албумот First Encounter – Organ & Big Band, ќе биде изведена на концертот во Скопје, преку оригинални композиции и специјално напишани аранжмани за биг-бенд состав.
Специјален гостин на вечерта е њујоршкиот бубњар Енди Вотсон (Andy Watson), истакнат џез-музичар и соработник на реномирани ансамбли како Vanguard Jazz Orchestra и Toshiko Akiyoshi Big Band. Неговиот препознатлив грув и стил ќе дадат дополнителна динамика и автентичност на овој уникатен џез-настан.

Македонски



