
„Cuban Fire“ е насловен концертот што вечер ќе го изведе Националниот џез оркестар во 20 часот во Филхармонија. Најавувајќи го концертот како уште едно неверојатно музичко доживување, од Националниот џез оркестар посочуваат дека овој пат фокусот е на афро-кубанската музика и ги спојува биг-бенд музиката со кубанските ритми и мелодии.
Низ оваа автентична “латино свита” ќе нѐ води нашиот долгогодишен пријател и соработник, диригентот Зиги Фајгл кој со години го држи пиедесталот на најдобар биг-бенд диригент во Европа и пошироко.
Инаку, насловот „Cuban Fire“ произлегува од истоимениот албум на исклучителниот американски џез-бенд лидер, пијанист, композитор и аранжер, Стен Кентон. Репертоарот вбројува дел од најзначајните композиции на Кентон, вклучувајќи го и албумот Cuban Fire, вистинско биг-бенд ремек-дело кое критиката го опишува како „возбудлива и кинематографска фузија на кубанската и биг-бенд музиката.“
На концертот, оркестарот ќе настапи со зајакната дувачка и ритам секција, како што посочуваат, за поголема автентичност при доловувањето на афро-кубанските ритми и мелодии кои доминираат во избраниот репертоар.
Стен Кентон е влијателен американски џез-бенд, пијанист, композитор и аранжер чијашто музика се карактеризира со сложени аранжмани и необична инструментација. Тој водел иновативен џез оркестар речиси четири децении, од 1940-тите до 1970-тите. Познат е по неговиот прогресивен џез стил, кој комбинира елементи на класичната музика со биг-бенд џез.
Диригентот Зиги Фајгл е добро познат на нашата публика, меѓу другото и по неколкуте досегашни настапи со нашиот оркестар. Фајгл е светски познат диригент на биг бенд, првенствено познат по неговиот придонес за австриската џез сцена. Водел различни биг-бендови и ансамбли, меѓу кои биг бендот во Грац, ХГМ биг бендот, биг бендот Суд, преку работата покажувајќи го својот талент за аранжирање и диригирање на големи музички состави.
Работата на Фајгл во музиката за биг бенд често опфаќа широк спектар на стилови, од традиционалните свинг и џез стандарди до посовремени и експериментални композиции. Има соработувано со многу реномирани музичари и уметници, како во Австрија, така и на меѓународно ниво, меѓу кои Бил Холман, Тутс Тилеманс, Арт Фармер, Марк Марфи, Боб Брукмаер, Артуро Сандовал и други, и се стекнал со репутација за неговото вешто лидерство и иновативни аранжмани, се наведува во најавта за концертот.