Националниот џез оркестар вечерва ја почна новата сезона со концертот „Џез-лектира: Quintessence by Quincy Jones!“ и солистите Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ-Дексо, Сашо Гигов-Гиш и Џон Илија Апелгрен. Диригент на концертот – маестро Владимир Николов.
„Quintessence by Quincy Jones е уште една џез лектира која не смее да остане непрочитана! Квинси Џонс е легендарна фигура од музичката индустрија, композитор, аранжер, диригент, инструменталист, водач на бендови и продуцент со огромно влијание врз американската култура повеќе од 70 години, кој има работено со врвни уметници од секоја ера на популарната музика, од бибоп до хип хоп. Добитник на безброј признанија, вклучувајќи и вкупно 80 Греми номинации, рекорд на сите времиња, од кои освоени 28“, нагласуваат од оркестарот.
Меѓу неговите најзначајни достигнувања е продукцијата на три од најуспешните албуми на Мајкл Џексон – „Off the Wall“ (1979), „Thriller“ (1982) и „Bad“ (1987), како и хуманитарната песна „We Are the World“ од 1985 година, која собра средства за жртвите од глад во Етиопија.