
Музичкио-истражувачкиот проект за гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска, насловен како „Балканско патување„, го започна своето интернационално, регионално представување, со концерт одржан во Културно Информативниот Центар на РС Македонија во Софија, Република Бугарија. Проектот „Балканско патување„ е и покана и предизвик за слушателот – да се нурне во музичката ризница наречена балканска музика, за и преку неа, да ја доживее историјата, културата и емоцијата на балканските народи.
Директорот на КИЦ Софија, проф.д-р Зоран Пејковски, го претстави музичко-истражувачкиот проект, како и изведувачите, гудачкиот квартет Пламенка Трајковска. На концертот присустваше и имаше свое пригодно обраќање и амбасадорката на РС Македонија во Софија, Н. Е. Агнеза Руси-Поповска.
Концертот го водеше Пламенка Трајковска, авторкатата на овој проект, која ја објасни суштината на обработките на одделните балкански композиции, односно заедничките мелодиски, хармонски и ритмички структури, заеднички за одделните земји. Гудачкиот квартет ги изведе балканските музички слики и ја одушеви присутната публика, која одделните композиции, претставени како балкански, ги препозна како свои.
Според Трајковска, во новите композиции струјат влијанијата на класичната музика и на заедничките мелодиски и ритмички линии, од сите блкански региони. богатството и разновидноста на балканскиот звук, опфаќајчи композиции од Македонија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Турција. Арамжманот е мошне значаен – има за цел да ги отслика музичките прелевања од регион во регион, сите вткаени во нови музички слики, во балканската композиција за гудачки квартет.
Балканското патување лани имаше своја премиера во Битола, по која уследи и концерт во Скопје. Годинава следи промоција на аудио изданието (CD), со придружни видео материјали, од кои се очекува дополнителна видливост, преку музичките канали, во привлекувањето на пошироката публика од регионот.
Оваа година проектот се пласира во балкански рамки, со концерт во Софија, реализиран со помош на Министерството за култура и ќе продолжи со настап на Меѓународниот фестивал ,,Солеј” во Созопол, Бугарија, на шести јуни, во Античкиот амфитеатар на Созопол. Идеја е Балканско патување да го допре секој културен центар на Балканот, за да создаде нови балкански мостови меѓу народите и нова културна рамка која ќе ги истакнува заедничките елеметни во музиката и во културата на балканските народи.