Skip to main content
W9kyHBFnRtM

„Ангелски здив“ – Мето Ди Флеш и Ана Петановска со емотивна песна и спот во чест на жртвите од трагедијата во Кочани

Во пресрет на годишнината од трагичниот пожар во дискотеката во Кочани, Мето Ди Флеш и Ана Петановска ја објавија песната и видеоспотот со наслов „Ангелски здив“, посветена на прерано згаснатите животи во оваа голема трагедија што ја потресе Македонија.

Песната претставува силна и емотивна музичка приказна која носи порака за болката, загубата и сеќавањето на оние што повеќе не се меѓу нас. Со својата атмосфера и текстуална порака, „Ангелски здив“ е создадена како музички омаж и потсетник дека споменот на жртвите ќе продолжи да живее во срцата на нивните најблиски, но и на целата заедница.

Музиката, текстот и аранжманот се дело на Методи Поповски – Мето Ди Флеш, кој заедно со својот тим работеше на создавање на композиција со силна емоционална тежина. Песната е снимена во студиото на Стефан Петановски, додека вокалната интерпретација на Ана Петановска дополнително ја засилува пораката на песната, носејќи чувствителност и длабочина во изразот.

Видеоспотот за „Ангелски здив“ е во режија, камера и монтажа на Раде Гогоски. Визуелната приказна е внимателно осмислена за да ја долови тагата, но и надежта дека сеќавањата на загинатите ќе останат вечни.

„Ангелски здив“ е уметнички повик за сеќавање, почит и човечка солидарност. Со оваа песна, авторите испраќаат порака дека иако болката од загубата никогаш целосно не исчезнува, љубовта и спомените за оние што заминале продолжуваат да живеат.

Новата песна и спот веќе се достапни на дигиталните платформи и на YouTube, каде публиката може да ја почувствува силната емоција што ја носи ова музичко дело, создадено во чест на ангелите кои засекогаш ќе останат дел од нашата колективна меморија.

Поврзани вести