Skip to main content

„Меморија“ низ музички времеплов во МКЦ: Отворање изложба на фотографии (1983-2025) и „Аll stars“ концерт

Легендарната македонска поп-рок група „Меморија“ по досега најголемиот македонски концертен спектакл во арената „Борис Трајковски“ минатата година, реши со двојно изненадување да ги почести своите најверни фанови пред да ја заокружи 2025 година.

Имено, по веќе најавениот концерт на 25. декември во 20 часот во МКЦ – Скопје, местото каде што во далечната 1984 година се’ започна, „Меморија“ со гордост ја најавува и својата изложба на фотографии ( 1983-2025), која претставува визуелно патување низ повеќе од четири децении музичка историја. На изложбата ќе бидат претставени фотографии од сите членови на бендот, моменти од нивните концерти, настапи, проби и незаборавни сцени од нивниот творечки пат – од далечната 1983 година, па сè до денес. Секоја фотографија носи своја приказна, емоција и сведоштво за времето во кое настанала, за публиката, сцената и духот што го одбележуваше и сè уште го одбележува бендот. Изложбената поставка е посвета на музиката, пријателството, истрајноста и љубовта кон сцената, но и благодарност до сите генерации публика кои беа и се дел од ова патување.

Изложбата ќе биде свечено отворена на 22-ри декември, понеделник во 12.30 часот во МКЦ, веднаш по прес конференција на групата на која ќе бидат обелоденети сите детали и поединости за истата како и за претстојниот концерт закажан неколку дена подоцна, во четврток, на 25.декември во 20 часот.

На отворањето на изложбата ќе присуствуваат членовите од различни постави на бендот во различни периоди на постоењето на „Меморија“, кои ќе ротираат и на сцената во МКЦ на претстојниот „Аll stars“ концерт на кој е замислен како еден вид музички времеплов преку кој „Меморија“ ќе ја прошета публиката низ годините, својот репертоар на најпознати хитови, но и некои од првите и никогаш досега концертно неизведени песни.

Настан кој ќе го изведат членови на групата кои низ годините биле дел од Меморија, создавајќи ретко и автентично доживување низ времеплов од четири децении музичко творештво, кое остава трага во македонската рок историја.. Вистинско музичко патување во вечер исполнета со емоции, носталгија и моќен рок звук што не старее, со повик и покана: „Се гледаме во МКЦ – низ концертна магија да создадеме нови спомени со музиката на Меморија!“

Фото: Архива/група Меморија

Поврзани вести