Skip to main content
Сашко Мицевски, директор на Агенција за филм:

Работиме на итна и сериозна реформа, која ќе ги штити авторите, публиката и културниот идентитет на државата

За мене, фестивалот е многу повеќе од културен настан. Tој е платформа за едукација, размена на искуства, неформално вмрежување и инспирација и го негува духот на Битола. Преку внимателната селекција на филмови, средбите со интернационални и домашни професионалци, и присуството на млади таленти, тој овозможува континуиран дијалог меѓу генерациите и културите.

Сашко Мицевски е филмски и ТВ монтажер и дизајнер на звук. Од неодамна е назначен за в.д директор  на Агенцијата за филм.

Студирал филмска и ТВ монтажа на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а во 2015 година, како добитник на стипендија од Министерството за образование и наука, заминува на постдипломски студии на престижната National Film and Television School во Англија, каде што учи од етаблирани професионалци како Греам В. Хартстоун („Blade Runner“, „Aliens“), Енди Кенеди („The Crown“, „Game of Thrones“, „Harry Potter“), и Роџер Дикинс („Sicario“, „Skyfall“, „1917“) и работи на филмови прикажани на реномирани меѓународни фестивали.

Неговото професионално искуство опфаќа работа во Англија на проекти за Би-Би-Си и филмови во продукција на Пајнвуд студиос („Sherlock Gnomes“, „Mowgli“, „Fantastic Beasts: The Crimes of Grindelwald“ и „Birdbox“), како и авторски ангажмани во пост-продукција на македонски аудиовизуелни дела, меѓу кои и ТВ сериите „Преспав“ и „Куќен притвор“.

Добитник е на бројни награди, меѓу кои награда од Ројал телевижн состајети и номинација за Дејтајм еми.

Во 2020 година, со сопствени средства го возобновува тонското студио на НУФЦ „Вардар филм“, а од истата година е и член на Филмскиот совет на Агенцијата за филм.

Со Мицевски разговаравме за Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, состојбите во филмската дејност, финансирањето на филмовите…

Агенцијата за филм е значаен столб за поддршка на ИФФК „Браќа Манаки“. Присуствувавте на отворањето на 46. издание на фестивалот како прв човек на Агенцијата, а во изминатите години како филмски работник редовно сте учествувале на фестивалот. Што значи за Вас „Браќа Манаки“?

Агенцијата за филм е главен и континуиран столб на поддршка за ИФФК „Браќа Манаки“, фестивал со богата традиција и голема вредност за македонската, но и светската филмска сцена. Моето присуство на отворањето на 46. издание на фестивалот како директор на Агенцијата има и лична и професионална димензија, како филмски работник, уште од студентските денови сум редовен посетител на овој фестивал, и секогаш сум го доживувал како простор каде што филмот се слави, но и се истражува и продлабочува.

„Браќа Манаки“ е нашиот најпрепознатлив филмски бренд во странство. Тој е уникатен по својата посветеност на филмската камера, елементот што ја спојува уметноста, технологијата, документирањето и интуицијата на авторите зад објективот. Признанијата што ги добива фестивалот, како она од British Society of Cinematographers (BSC), се јасен показател за неговата важност и влијание во светот на кинематографијата.

За мене, фестивалот е многу повеќе од културен настан. Tој е платформа за едукација, размена на искуства, неформално вмрежување и инспирација и го негува духот на Битола. Преку внимателната селекција на филмови, средбите со интернационални и домашни професионалци, и присуството на млади таленти, тој овозможува континуиран дијалог меѓу генерациите и културите.

Иако со текот на годините фестивалот минува низ различни фази и квалитативни осцилации, останува клучен потсетник за тоа што имаме. Голем број талентирани кинематографери, режисери и останати филмски работници чии дела заслужуваат гласна промоција и национална гордост. Кога нашите филмови и трудот на нашите директори на фотографија, гафери, шарфери, колористи и останатите членови на екипите ќе се најдат рамо до рамо со продукции од други држави, тогаш се добива вистинската слика за нивото и квалитетот кој го поседуваме и тоа пред сè благодарение на младите и посветени професионалци. Во тие моменти станува очигледно дека визијата на Браќата Манаки има достојни наследници.

Агенцијата за филм, како и досега, продолжува да стои цврсто зад фестивалот. Оваа година го поддржавме со 9.000.000 денари. Иако тимот кој го организираше 46. издание имаше само неколку месеци на располагање, успеа да постави солидна основа. Убеден сум дека во следните години, со стабилна поддршка и визија, фестивалот ќе продолжи да расте, и во неговиот центар секогаш ќе биде магијата на филмот, а дури потоа сè друго.

Од идната година Министерството за култура и туризам ќе одделува многу повеќе сретства за домашната филмска продукција. Според она што досега беше соопштено во јавноста, со измена на Законот, за филмовите ќе се добива 3 проценти од игрите на среќа. Како гледате на оваа иницијатива?

Вестите што беа споделени изминатите неколку месеци се резултат на посветената работа на луѓе кои искрено веруваат во македонската кинематографија, нашите филмови, младите автори и нивните уникатни приказни.

Со најавената поддршка од 3% од приходите од лотариите, конечно ќе се исправи долгогодишната неправда нанесена на македонските филмаџии речиси цела деценија. Зголемената поддршка нема само да ги стабилизира буџетите на филмските проекти, туку ќе создаде услови за раст, развој на критичко размислување, продукција на стручни публикации од областа на филмот, како и реализација на комерцијални филмови и ТВ серии.

Искрено сум благодарен за соработката меѓу Агенцијата за филм, Министерството за култура и туризам и Владата на Република Македонија, кои безрезервно веруваат во нас и го препознаваат квалитетот на македонските филмски дела, дела што се далеку побројни и поквалитетни од неколкуте скандалозни проекти кои, за жал, го комзумираа најголемото медиумскиот простор.

Неопходно е и итно да се започне со редефинирање на концептот за тоа што претставува „филм од национален интерес“, бидејќи токму таа дефиниција беше изгубена во последниве години.

И самиот сте дел од филмската фела, а сега уште повеќе сте упатен во проблематиката. Што е според Вас најгорливиот проблем на филмаџиите?

Со зголемената поддршка, како и со довербата од институциите и 145.000.000 денари од ребалансот на буџетот, Агенцијата за филм започнува со расчистување на заостанатите долгови кон продукциските куќи кои реализираа значаен дел од филмовите што беа гласен културен промотор на Македонија на меѓународната сцена.

За среќа, тимот во Агенцијата се проширува со нови, објективни и млади професионалци кои, со љубов и посветеност кон филмската дејност, веќе почнаа да ги решаваат наталожените проблеми што со години наназад ѝ создаваа негативен имиџ на институцијата. Но, остануваат неколку клучни и нерешени прашања.

Еден од најгорливите проблеми, според мене, е генерацискиот јаз. Критериумите за тоа што претставува добар филм, како и за тоа како треба да се води една државна институција во 21 век, се значително различни од генерација до генерација.

Успесите на современата македонска кинематографија се резултат, пред сè, на новата генерација млади автори и дебитанти кои ја претставуваат Македонија на најпрестижните светски филмски фестивали. Тие се носители на еден нов израз, нова чувствителност и јасна визија.

Институционалниот фокус мора да биде насочен токму кон нив, со цел вистински да се артикулира и промовира националниот интерес. Секако, важно е да се зачува и традиционалното, како и оние проекти кои се надвор од актуелните трендови, и постојат механизми за тоа. Но, неопходно е да прифатиме дека настапува нова генерација со повисоки критериуми, генерација која е информирана, критички ориентирана и имуна на нереални ветувања, токму поради постојаната изложеност на глобалните текови преку интернет.

Тоа е генерација што ја разбира сериозноста на вештачката интелигенција и нејзиниот потенцијал за надградба и поддршка на авторското творештво. Опструкциите кон младите автори не носат корист никому, ниту на индустријата, ниту на културата, ниту на општеството.

Дополнително, останува нерешен и еден долгогодишен проблем, а тоа е нефункционалниот Закон за филмска дејност. За жал, овој закон е ограничувачки за креативците и исполнет со сиви зони кои отвораат простор за злоупотреби. Преку тие исти механизми, на врвот на ранг листите завршуваат проекти кои не само што не нудат квалитет, туку и се далеку од она што треба да биде национален интерес.

Се работи на итна и сериозна реформа, која ќе ги штити авторите, публиката и културниот идентитет на државата.

Разговараше: Невена Поповска

Поврзани вести