Skip to main content

Премиера на филмот „Утре наутро“ на Јани Бојаџи на 19 ноември

„Утре наутро“ е политичка драма во кој ги опсервирам луѓето кои ги носат одлуките со чии последици се соочуваме ние. Мене живо ме интересира кои се луѓето кои ги носат одлуките со кои ние се носиме, оној висок општествен круг луѓе. Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓи 2014 и 2017 година. Плотот на приказната е фаталниот 27 април 2017 година и се занимава со прашањето што после тоа. Зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците на одлуките кои ги носат т.н. глави на семејствата-татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците од одлуките кои тие ги носта најесто ги сносат нивните семејства и сите други семејства. Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени, рече на денешната прес конференција Јани Бојаџи, режисер и сценарист на филмот.

Бојаџи подвлече дека филмот се темели на актери, на актерската игра и смета дека центар на филмот е актерот и неговата човечност.

Имав бескрајна среќа да имам во филмот актери со огромно човечко присуство. Ме интересира не само да се добри актери, туку и а се добри луѓе. Работевме 75 дена и навистина беше исклучително задоволство да се биде заедно, рече Бојаџи и додаде дека преку 75 актери има во филмот.

Извршниот продуцент Дејан Милошевски објасни дека почнале да снимаат серија и кога ја завршиле серијата сфатиле дека имаат филм.

Освен филмот ќе има и серија со пет епизоди по 55 минути. Премиерата на филмот ќе се одрѓи на 19 ноември во Синеплекс, а од 20 ноември ќе почне целосна дистрибуција низ Македонија, рече Милошевски и додаде дека во моментот имаат еден фестивал на кој ќе биде прикажан филмот.

Нина Деан толкува една од главните улоги и рече дека си посакала да има голем лик и и се сотварила желбата.

Задоволна сум од целото искуство. Кога го градев ликот тргнав од аспект на жена и што се и се случува неа, без  разлика која е, чија сопруга е. Имавме одлична соработка со колегите и се надевам дека сите ќе го видите филмот онака како што го правевме, рече Деан.

Ирена Илиевска има исто така една од главните улоги и посочи дека ова и е прва соработка од овој тип и улогата и била предизвик каков што немала досега.

Ја играм Аида Мерџановска, Ромка по националност, докторка и за потребите на ликот учев ромски јазик, долго време се подготвував. Се плашев бидејќи не го познавав јазикот и денес од оваа дистанца гледам дека тоа беше најмал предизвик. Аида се бори со цел систем и тоа беше најголемиот предизвик-да ја научам како се игра кога  антагонистот ви е целиот систем, рече Илиевска и ги покани сите на премиерата на филмот.

Во филмот се зборува на македонски, ромски и малку на англиски јазик. Актерите учеле ромски, имале наставници и актерките мошне добро го совладале јазикот што воопшто не се правела разлика кога говореле текстот на снимањето.

Кети Дончевска Илиќ ја толкува улогата на сопруга на Бајрам Северџан, а Аида и е ќерка.

Јас цел живот играм на македонски јазик и навистина беше голем предизвик за мене да глумам на ромски. Кога ги учев репликите после пробите во неколку наврати сакав да се откажам. За актер кому му е природно да глуми на свој мајчин јазик навистина беше сериозен предизвик, но истовремено беше убав предизвик и ми е драго што не се откажав, особено што поминав прекрасен процес, запознав прекрасни луѓе со кои досега не сум работела и мислам дека завршивме одлична работа, рече Дончевска Илиќ и потенцираше дека особени и е драго што женските ликови во филмот се особено силни и доминантни, сигурни во себе, знаат што сакаат и не се откажуваат.

Васил Зафирчев исто така говори ромски на филмот и рече дека е навистина среќен поради филмот бидејќи како што рече толку малку се снима што бескрајно се радува на секој нов обид кој резултира со реализација на нов проект.

По тв серијата „Бистра вода“ ова ми е втора соработка со Јани Бојаџи, но овој пат со малку поинаков предизвик. Се само што за прв пат се сретнавме со убавината на ромскиот јазик и што требаше да изградиме ликови кои носат некаков поинаков сензибилитет што е многу автентичен како што е ромската заедница, ромската култура, традиција, начин на размислување, дејствување…Предизвикот беше дотолку поголем што толкувам лик кој се вика Рустем и кој станува некаква референтна точка на оваа парадигма која е земена за наслов на филмот. Односно некаква светла точка за тоа дека навистина е можно утре да биде подобро. Тој е претставник на ромската заедница која успева да изгради успешна кариера во Италија и сите позитивни искуства се обидува да ги пренесе во Македонија, каде формира мала задруга за производство на органско овошје и зеленчук. Една убава, светла приказна, така што ликот на Рустем  станува персонификација на разумот, на стабилноста, на лојалноста, на вербата и на некој начин станува утеха на главната хероина во сите премрежја со кои се соочува, рече Зафирчев и подвлече дека најсилната порака на филмот е колку сите ние сме дел од тие процеси и колку секој од нас низ своите индивидуални постапки може да ја чини таа глобална слика.

Ромите во филмот се прикажани како истакнати членови на општеството, образовани и се избегнува стереотипот на бедата и сиромаштијата, раскажа Бајрам Северџан кој толкува еден од главните ликови.

Токму тоа ми беше голем поттик и задоволство за да го толкувам ликот во овој филм. Сакам да истакнам и дека многу сум среќен што колегите навистина го совладаа ромскиот јазик, бидејќи бев скептичен кога го читав сценариото. Што се однесува до сценариото исто така сум многу задоволен со сите измени кои се направија за правдината да излезе на крај на еден многу елегантен начин, рече Северџан.

Поврзани вести