
Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска е награден за најдобро уметничко остварување на Меѓународниот филмски фестивал во Токио, Јапонија. Наградата ја прими режисерката Стругар-Митевска откако пред неколку недели од Филмскиот фестивал во Хаифа, Израел филмот доби специјално признание во интернационална конкуренција.
„Мајка“ претставува интимен портрет на една од највлијателните хуманитарки на 20. век, фокусирајќи се на нејзината внатрешна борба, верба и мисија. Главната улога ја толкува светски познатата актерка Номи Рапас, во друштво на Никола Ристановски и Силвија Фокс. Сценариото е заеднички труд на Теона Стругар Митевска, Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ.
Ова кинематографско остварување е поддржано од бројни европски и светски филмски институции, а продуцент е Лабина Митевска. Директор на фотографија е Виржини Сен Мартан, сценограф е Вук Митевски, а прв асистент на режија Јане Ќортошев.
„Мајка“ ја имаше својата премиера на престижниот Венециски филмски фестивал, каде што го отвори програмскиот сегмент „Хоризонти“, посветен на иновативни филмски дела, а го отвори и годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“.

Македонски







