
Дали е варварски да се создава уметност во предвечерие на војната? Филозофите-оптимисти кои веруваат во надеж ќе кажат дека будалите кои на војната ѝ гледаат во очи, ќе го спасат светот. Не затоа што не се плашат, туку затоа што веруваат дека уметноста и убавото можат да спречат страшната ноќ по предвечерието никогаш да не дојде.
Ценејќи ги и славејќи ги оние кои создаваат филмови, ставајќи ги на сценскиот подиум пред сребрениот екран, на кој се проектираат отсечоци од минатото до иднината, веруваме дека вербата во убавото што го нуди уметноста, e борба против хаосот на светот. Кога во реалноста не постои утеха, филмот е портал кон срцето, каде сѐ уште владее силата на разумот. Во време на егзистенцијално неизвесни секојдневија, филмските уметници не престануваат да измислуваат есенцијално поубави светови. А бидејќи секој филм се создава да биде виден и да допре, тогаш улогата на публиката е да гледа филмови и да дозволи да биде допрена, или во контекст на денешниот поредок, да дозволи да биде спасена.
Од 7-10 август, на Дрим Шорт 2025 во Струга, останува само едно нешто – „Гледајте филмови, нема каде да се бега“, се вели во објавата од Дрим шорт филм фестивал.